Дескоска: Подобро да имаме помалку судии, но квалитетни и професионални

94

Не ме загрижува фактот што процесот на пополнување на судии е побавен. Сметам дека е подобро да имаме помалку, но квалитетни и професионални судии, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска. 

Одговарајќи на новинарски прашања, Дескоска рече дека присуството на судии кои се срам за професијата, носи поголема штета отколку да има дефицит на судии.

Taa посочи дека Министерството за правда има задача да создаде законска рамка која ќе значи непристасно независно судство и можност за ефикасни судски постапки, но оти имплементацијата е во надлежност на Судскиот совет и судовите.

– Сега на нив е одговорноста да направат соодветна имплементација на законската рамка со цел да имаме навистина враќање на довербата во судството. Никој во нашата држава нема дилема дека кога се прават анкети оти довербата во судството е на најниско ниво, но задача на самите судии и на судскиот систем е да си ја вратат таа доверба. Нивната задача е со сопственото работење да го вратат сопствениот кредибилет и довербата – рече Дескоска во изјава дадена во рамки на Министерскиот состанок ЕУ – Западен Балкан на која присуствуваат и еврокомесарите за правда и за внатрешни работи Вера Јоурова и Димитрис Аврамоплос. 

Во однос на ветингот, Дескоска рече дека има бројни земји чии примери може да се следат и оти не се испитува само имотната состојба на судиите, туку и влијанието од разни лоби групи, адвокатски групи или кој било во носењето на нивните одлуки или во одложувањето на одредени судски процеси.

– Примерите кои постојат во одредни земји се добредојдени и покажуваат дека ако почне сериозен процес на ветинг, често пати самите судии не се подложуваат. Оние кои имаат дамки во нивното професионално портфолио се повлекуваат уште пред да го поминат процесот на ветингот – истакна Дескоска. 

Таа посочи дека и на денешната средба со еврокомесарката за правда Вера Јоурова на која станало збор за натамошно продолжување на реформите, било отворено и прашањето за ветинг кај судиите при што од наша страна биле кажани аргументи за тоа што треба да биде основа за спроведување на тој процес кај нас, за што добиле поддршка. 

Одговарајќи на новинарско прашање, за дебатите за промена на Кривичниот законик кои се водат во Уставниот суд, рече дека од позиција на министер на правда не би требала да коментира, но посочи дека обврска на Устваниот суд е да ја цени уставноста, а не дали казнената политика е соодветна или не. 

– Јас се надевам дека Уставниот суд ќе постапи согласно со своите уставни надлежности – рече министерката за правда. 

Инаку, реформите во правосудството, владеење на правото, условите во затворите и она што значи реформа во изборниот систем односно обезбедување фер и демократски избори се темите на кои ќе се зборува на Министерскиот состанок ЕУ Западен Балкан на кој учествуваат министри за правда и за внатрешни работи што денеска и утре се одржува во Скопје. 

Дескоска  изрази задоволство што нашата земја е домаќин на состанокот особено по недонесувањето на одлуката за почеток на преговори. 

– Целта на овој состанок е да ја потврдиме уште еднаш нашата заложба за евроинтеграција и очекувам истата заложба да биде потврдена и од страна на претставниците на ЕУ за отварање на патот на преговори за нашата држава. Очекувам дека ќе го добиеме уште еднаш признанието за реформите кои што се направени во сферата на правдата кои беа дадена како признание на последниот сдостанок. На сите ни е јасно дека неотварањето на преговори е заради внатрешните дебати кои ги има ЕУ, но секако е многу битно еврокомесарите, финската министерка под чие претседателство се одвива овој состанок, како и другите претстваници на ЕУ да го развберат значењето за отворањето прегвори за нашата држава, како мотив во водењето на реформите во сфеата на правдата и внатрешните работи, за што ќе се разговара утре – рече Дескоска. 

На новинарско прашање таа кажа дека неотврањето на преговорите воопшто не е заради забелешки во сферата на правдата и на внатрешни работи, и посочи на заклучоците на Советот на ЕУ и на извештаите на ЕК каде, вели, јасно се гледа  дека од наша страна е исполнето се што било предвидено како услов за почеток на преговорите, особено ако се направи анализа на извештаите за земји кои веќе се членки на Унијата или се во фаза на преговори каде ќе се види дека нашиот извештај е многу подобар од тие извештаи. 

-Ние како држава не дадовме никаков повод за недонесувањето на одлуката – потенцира Дескоска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...