Ако немаме согласност за квалитетен закон за јавно обвинителство, подобро е да не се носи отколку да се носи закон само заради закон, изјави денеска министерката за правда Рената Дескоска одговарајќи на новинарско прашање во врска со законот за ЈО.
– Законот за јавно обвинителство не наиде на согласност на соодветни решенија. Со оглед на тоа што веќе е обезбеден трансферот на предметите на СЈО беспредметно е носење на закон за јавно обвинителство којшто би бил со полош квалитет од постојниот, така што тоа го разговаравме и на денешната средба со комесарката Јурова разговаравме за таа тема, и ги објаснив аргументите – изјави Дескоска на маргините на Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи, организиран под покровителство на Финското претседателство со ЕУ, што се одржува денеска и утре во Скопје.
Мислам дека сите сме согласни, истакна Дескоска, дека сите што се експертска јавност и оние коишто се залагаат за градење на соодветен правен систем дека законот за јавно обвинителство не треба да го гледаме само како заокружена обврска, туку таа обврска треба да биде и квалитетно завршена.
– Ако немаме согласност за квалитетен закон подобро е да не се носи отколку да се носи закон само заради закон – додаде министерката за правда.
На прашање во врска со двајцата нови бегалци од предметот „Детонатор“, Дескоска упати на судовите коишто одлучиле за нивното пуштање.
– Кога станува збор за луѓе коишто се пуштени од издржување на затворска казна тоа се прави врз основа на судска одлука. Така што, најсоодветно е прашањата кои се однесуваат зошто некое лице било пуштено а потоа не било вратено, која била проценката да се упатат е на судовите, оние коишто одлучиле за нивното пуштање – истакна Дескоска.