МИА дојде до писмените одговори на кандидатот за еврокомесар за проширување, Оливер Вархелји, кои му беа упатени откако минатиот четврток не успеа да ги убеди европратениците дека е доволно независен од унгарската влада за да ја извршува оваа функција.
На прашањето дали, доколку биде назначен на функцијата еврокомесар, ќе се чувствува должен или под влијание на премиерот Виктор Орбан, Вархелји два пати одговара дека тоа нема да биде случај и дека ќе работи согласно европските повелби, во европски дух и колегијалност и во соработка со високиот претставник за надворешна политика на ЕУ.
Запрашан како би реагирал доколку за време на неговиот мандат, некоја земја-членка на Унијата одлучи да му додели азил на осуден премиер на земја-кандидат, Оливер Вархелји се повикува на сувереното право на земјите членки во делот на политиката на азил.
– На земјите-членки да ги разгледаат и да одлучат за поединечните барања за азил, во целосна согласност со законодавството на ЕУ и меѓународните конвенции. Владеењето на правото е фундаментален принцип на ЕУ, за земјите-членки и за земјите кандидати еднакво, очекувам сите засегнати страни да се однесуваат строго согласно релевантните правила, без политизација, пишува Вархелји во одговорите.
Европратениците во нивните дополнителни прашања бараат од Унгарецот да знаат каква ќе биде неговата реакција доколку, во текот на неговиот мандат, некоја земја кандидат „го ограничи просторот за опозицијата, ги контролира речиси целосно медиумите, ги натера судиите во рана пензија, ја ограничува академската слобода и не се бори ефикасно против корупцијата“, јасни алузии на состојбата во Унгарија, Вархелји тврди дека неговата „единствена цел“ е да ги спроведува политиките на ЕУ.
– Согласно политиката на проширување на ЕУ, ќе се осигурам дека ќе продолжиме да му даваме предност на принципот на „фундаментите прво“, ова значи фокус на поддршката за земјите кандидати во напорите за зајакнување на владеењето на правото, вклучително судските реформи и темелните права, справувањето со корупцијата и организираниот криминал (…), вели кандидатот за комесар за проширување.
Тој додава дека ќе направи сѐ за да се осигури дека властите во земјите од регионот им даваат можност на опозициските партии да ја одиграат целосно нивната уставна улога.
– Политичкото мешање во медиумите, економските притисоци, и најстрашно, насилството и заплашувањата се зголемуваат. Ќе инсистирам на овие важни прашања со властите, јавно како и во нашиот политички дијалог, во извештаите за напредокот и во поддршката за конкретни реформи, одговара кандидатот за наследник на Јоханес Хан.
За Унгарецот, приоритет ќе останат поглавјата 23 и 24 од преговарачкиот процес, посветени на владеењето на правото, правдата и борбата против корупцијата.
Вархелји исто така оценува дека, за да се намали влијанието на другите големи сили на западниот Балкан, ЕУ треба да му даде приоритет на спроведувањето на стратегијата за западен Балкан на Европската Комисија.
– Клучно е за ЕУ да биде перципирана како силен политички партнер и од далеку најголемиот економски инвеститор и донатор. Јавното мислење на Западниот Балкан е генерално позитивно кон ЕУ и натамошната ЕУ интеграција, но присуството на трети земји и на дезинформации во јавниот простор се зголемува. За да се намалат овие трендови, Комисијата треба да продолжи да работи со трите стратешки единици за комуникација на Европската надворешна служба со фокус на подобрување на видливоста на ЕУ, помош за медиумите и справување со дезинформациите, вели Оливер Вархелји.
Тој потсетува дека ЕК поддржува независни медиуми и финансира дејности поврзани со слободата и плурализмот на медиумите.
Фото: EPA/OLIVIER HOSLET