Татко му на Боки 13, Миле Јовановски, доби затворска казна за нанесување тешка телесна повреда на соседот, попот Виктор Стојчев, во расправија на Божиќ 2017 година. Тој не дојде во судот да ја слушне казната.
Судијката Александра Ристоска денеска ја прочита пресудата со која Јовановски се осудува на шест месеци затвор. Тој на минатото рочиште, откако беше прочитано обвинението, почна да ја кажува неговата страна посочувајќи дека делумно било така како што тврди обвинителство. Јовановски има право на жалба во рок од осум дена.
– Имам многу големи сомневања кај мене дали сум виновен или не, затоа што господинот е тој што почна… – почна да зборува тогаш Јовановски.
Но, судијката го прекина и по појаснувањето дека тоа е прво рочиште и дека тој треба сега да избере дали ќе признае вина, ќе се брани со молчење или ќе ја докажува својата невиност во судскиот процес, Јовановски рече дека признава вина. Со обвинението кое го призна, тој се товари дека на 7 јануари 2017 го нападнал попот.
Стојчев им е комшија на Јовановски и таа вечер тој не можел да влезе во сопствениот двор бидејќи имало паркирано возило. Прво ја употребил сирената на автомобилот, а откако никој не реагирал, неговата сопруга заѕвонила на вратата на Јовановски, од каде излегол Боки 13 и го поместил возилото. Меѓутоа, Боки и попот почнале да се караат, по што излегот Миле Јовановски.
– Откако оштетениот се паркирал, Миле Јовановски излегол од дома и влегол во дворот на оштетениот, се доближил до возилото, ја отворил левата врата и со десната рака му удрил тупаница во лицето, па откако оштетениот излегол од возилото Јовановски продолжил да го удира со нозе и раце, оштетениот паднал на земја и Јовановски по него и продолжил да го удира – рече обвинителката на минатото рочиште читајќи го обвинителниот предлог.
Од тепачката попот се здобил со скршеница на зглоб на ногата. Покрај кривичниот прогон од обвинителството, Стојчев во граѓанска постапка ќе бара и парична отштета од Јовановски. Инаку, Миле Јовановски, заедно со неговиот син, Боки 13, е опфатен и во аферата „Рекет“. Тој е осомничен во втората истрага која ја отвори Обвинителството за гонење за организиран криминал и корупција која се однесува на работата на невладината организација Меѓународен сојуз. Таму, Боки 13 е осомничен за делата измама и перење пари, а Јовановски за помагање во двете дела. За истото се гонат и заменик-претседателката на Меѓународниот сојуз, Јасна Мандиќ и една асистентка. Осомничена е и пратеничката Фросина Ременски за помагање во врска со делото измама.