Со прогласување на клиничка смрт на НАТО – во политички лов во матно. Со своите изјави францускиот претседател Макрон, движејќи се енергично како слон во просторија исполнета со политички вакуум, не престанува да придзвикува иритираност во европската политика, веројатно најмногу со своето вето за блокирање на преговорите за членство во ЕУ на Македонија и Албанија, но и околу други прашања.
Но сепак, не е само Макрон тој околу чии ставови се разјаснува сликата на истрошениот оптимизам дека во догледна иднина и за други земји ќе биде отворена портата на ЕУ, и тоа особено сега со одбележувањето на 30-годишнината од паѓањето на Берлинскиот ѕид, од кога и датира почетокот на сонот за обединување на цела Европа. Цената за политичките амбиции за позиционирање на моќта во најзначајните европски метрополи ја плаќаат земјите во Западен Балкан, кои во периодот по Студената војна претрпеа сериозни оштетувања и долготрајна политичка нестабилност.
Песимизмот кој нанесе темни облаци врз очекувањата за натамошна позитивна енергија во политиката на проширување на ЕУ, доби симболичен израз со блокадата на Франција, поддржана пред сè од Холандија и Данска, во пресрет на последниот ЕУ-самит од каде што се раширија фрустрациите и разочарувањата во Македонија и Албанија, и нивните големи надежи за датум за отворање на преговорите за членство.
Но приказната за скептицизмот околу натамошното ЕУ-проширување тешко дека ќе може да се објаснува исклучиво со ветото на Макрон и француското инсистирање за воведување на сè уште недоволно јасната нова методологија, која, меѓу другото, подразбира примена на постапно придружување и реверзибилност.
Деновиве се одржа дебата за иднината на ЕУ што за првпат ја водеа лидерите на партиите во Шведскиот парламент-Риксдаг, по што не можеше а да не се забележи дека проширувањето на ЕУ со прием на нови земји-членки повеќе не претставува едно од најважните прашања со кое заложбите на официјален Стокхолм беа посебно препознатливи во изминатите две и пол децении, односно од зачленувањето на Шведска во 1994 година. За разлика од периодот на шведското претседателство со ЕУ во 2001 година, кога приемот на нови членки беше прашање од врвен приоритет, шведските партиски лидери сега воопшто не ни дебатираа за проширувањето.
Шведскиот премиер Стефан Ловен на пресконференцијата по парламентарната дебата рече дека неговата влада го поддржува француското барање за преиспитување на целиот процес на проширување, но и дека едновремерно сепак сака да им даде нова шанса на земјите во Западен Балкан да станат ЕУ-членки. „Просторот што ЕУ нема да го земе, ќе го земе некој друг“, рече притоа Ловен.
Факт е дека многу студена вода протекла врз ентузијазмот по отстранувањето на Железната завеса што ја делеше Европа, а што во релативно краток период овозможи проширување на европското семејство и соработка со голем број нови земји-членки. Тоа јасно беше потврдено и со плебисцитарните изјанувања на избирачите во одделни земји кои во европските интеграции гледаа јасна иднина за развојот на своите земји.
Почетниот обединувачки стимуланс беше означен со падот на Берлинскиот ѕид на 9 ноември 1989 година, а по нецела година од тој значаен датум се обединија Источна и Западна Германија, откако беа одвоени 41 година. Со германското обединување Источна Германија автоматски стана дел од ЕЗ, претходник на ЕУ, и тоа беа никакви преговори за членство или преодни правла.
Истото чувство околу надминување на историските грешки и недоразбирања беше недвосмислено присутно и при наредните кругови на проширување на ЕУ кон Исток. Без оглед што тој процес бараше релативно долги преговри, но и „затворање очи“ пред некои недоследности, во 2004 и 2007 година десетина земји од поранешниот Источен комунистички блок станаа полноправни ЕУ-членки.
Од денешна гледна точка може без никакво претерување да се констатира дека сепак не беше доволно само со добра волја и инвестиции да се претопат во исто развојна насока земји со различен политички систем, историја и ведности. Во рамки на ЕУ денес е сосема јасно присутен јаз меѓу Запад и Исток во однос на низа суштествени политички прашања – погледот кон развојот на социјалната држава, конкуренцијата со платите и условите за вработување, односот кон миграцијата, рамноправноста, климатските прашања. Или, на пример, јазот кој се зголемува меѓу одделни бивши комунистички земји и други членки во ЕУ кога станува збор за заложбите за зацврстување на принципите на правната држава и борбата против корупцијата.
Надворешнополитичката офанзива на Макрон речиси целосно го расплина ентузијамот што некогаш толку силно беше носен од ветровите на обновата преку проширување кон Исток. Во прилог на таквите тврдења сега доаѓаат до израз и испитувањата на јавното мислење според кои помалку од половина од граѓаните на ЕУ се позитивни кон прием на нови членки. Во клучните земји основачи на ЕУ, Франција, Германија и Бенелукс, само околу 30 отсто посакуваат натамошно проширување, а 60 отсто од граѓаните во источните ЕУ-членки имаат слични мислења. Блокадата на Макрон против Македонија и Албанија многумина ја толкуваат само каком симболичен израз на таквото расположение.
Мамката со која Брисел и понатаму сака да ја држи во живот инцијативата, е – реформи за членство. Но дури и политичарите што сè уште заговараат ЕУ-проширување, го прават тоа пред сè со геополитички аргументи. Ретко некој, а најмалку можеби Макрон, поаѓајќи од неговите изјави во последните недели, аргументира околу самата вредност на целосното обединување на Европа, или дека ЕУ всушност и понатму има морална одговорност да придонесе за одржување на мирот меѓу земјите во Западен Балкан.
Национализмот што и понатму се распламтува по Балканските војни во 1990-те години требаше да се надмине со внесување на поранешните југословенски републики во ЕУ. Но зад понудата за Западен Балкан сега се исчитува само половична искреност.
На ЕУ повторно ѝ е потребен јасен и обединувачки глас. Ако Макрон сака да ја има лидерската улога, тогаш својот политички профил, и својата иницијатива против политичките конкуренти, ќе треба да ги означи со нешто друго отколку со демонстративен „жолт елек“. За да го ублажи ширењето на иритираноста поради ароганција со која настапува всушност ќе му треба поелегантен и – пософистициран политички костум.