Важно е со одобрувањето на новата методологија за проширувањето, да се определи датум за почеток на преговорите, вели вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи коментирајќи ги нон-пејперот што Франција го објави со кој се предлага нов пристап во преговарачката методологија за проширувањето на ЕУ.
– Важно е Европскиот Совет при одобрувањето на оваа методологија да го одобри започнувањето на преговорите. Тоа е многу важно да се надоврзе. Доколку постои дисконекција меѓу методологијата и почетокот на преговорите, тоа нѐ носи кон нејасен пат. Фактот што се потврдува полноправното членство како единствен пат, фактот дека процесот е започнат и оти се достапни структурни фондови, тоа е нешто ново и позитивно за земјата – посочува Османи за Алсат – М.
Евентуалната промена на владата после предвремените парламентарни избори следната година, според Османи, не смее да влијае и да доведе до отстапување од овој пат или да го забави темпото на реформите.
Вицепремиерот Османи не прецизира кои точки од новопредложената методологија би можеле да имаат негативно влијание врз евроинтегративниот процес, но додава дека има многу нејаснотии во овој документ, па Владата побарала да биде вклучена во неговата подготовка. Иако, Османи смета дека европските институции имаат малку време да ја спроведат оваа методологија, се надева дека тоа ќе се постигне во роковите што се одредени во нон-пејперот.
Нон-пејперот доаѓа еден месец по недоделувањето датум за старт на преговорите за Северна Македонија и Албанија на октомврискиот Самит на ЕУ во Брисел. Со документот Франција, бара „обновен пристап“ во преговарачката методологија за проширувањето на ЕУ, кој би требало да се заснова на четири принципи: постепено придружување, построги услови, поконкретна корист и реверзибилност. Нон-пејперот е во фаза на разгледување и за него треба да се изјаснат сите земји-членки, а Париз бара одлуката за новата методологија да биде донесена до јануари, 2020 година.