Утринава тешка хаварија се случила во „Макстил“, кога ливна јама од 100 тона, полна со стопен метал се откинала и паднала. Во 7.53 часот во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ се донесени четири лица кои се здобиле со повреди во “Макстил“, јавува телевизијата Алсат.
Во моментов е познато дека еден од нив е во животна опасност и е префрлен на КАРИЛ, додека останатите најверојатно се здобиле со телесни повреди меѓутоа се уште се прават испитувања за да се утврди точниот карактер на повредите. Сите имаат повреди од изгореници.
Настанот се случил околу 6.50 часот, кога ливна јама од 100 тона, полна со стопен метал се откинала и паднала. Од падот се ослободило стопеното железо кое веднаш предизвикало пожар и ги повредило четворицата работници кои биле во непосредна близина.
Од Противпожарната бригада Скопје за Плусинфо потврдија дека утрово имале повик за пожар во „Макстил“. Имало истекување на течен метал, кој предизвикал пожар.Веднаш биле испратени четири противпожарни возила и 12 пожарникари. Од таму велат дека пожарот е изгаснат во 8.40 часот утрово.