Градот Скопје и јавните градски претпријатија се подготвени за претстојната зима и зимското одржување на улиците што се во нивна надлежност, а врз основа на програмата усвоена од Советот на Град Скопје, соопшти Градот.
Екипите на Град Скопје во зимски услови одржуваат коловозни површини од 2.600.000 квадратни метри. За сезоната 2019/2020 се обезбедени 6.000 тони индустриска сол, од кои 2.000 тони се залиха од зимската служба 2018/2019. Обезбедени се и 300 тони ладна асфалтна маса за санација на оштетените сообраќајни површини.
ЈП „Улици и патишта“ изготвува и предлага Оперативен план за функционирање на зимската служба и е носител на активностите за зимското одржување со целокупната механизација и расположливиот кадровски потенцијал. И оваа година Град Скопје ќе ангажира дополнителна механизација од 15 камиони од фирмата „Аполо“, кои се опремени со навигациски уреди.
Обезбедените материјали се складирани во трите пункта на ЈП „Улици и патишта“ – асфалтната база на ЈП „Улици и патишта“ во кругот на фабриката „Железара“, Стара механизација на улица Христо Татарчев во Кисела Вода и во Ѓорче Петров на улица Лепенец. Во пунктовите се организирани 24 часовни дежурства, а материјалите ќе се употребуваат согласно со временските услови.
Во текот на зимската служба коловозните ленти ќе се расчистуваат според приоритетите, како што се критичните точки, пристапите до објектите од витално значење за граѓаните и сообраќајниците од посебно значење за функционирање на сообраќајот до стопанските објекти. Преостанатите јавни претпријатија се задолжени во рамките на програмата и своите надлежности да обезбедат механизација и опрема, а имаат изготвено и посебни подпрограми за расчистување на јавните површини во зимски услови.
Кризниот штаб апелира до граѓаните, урбаните заедници, куќните совети и претпријатијата навреме да преземаат мерки за отстранување на возилата од коловозите, расчистување на пешачките приоди, приодите до објектите и покривите на објектите. Во спротивно, полицијата и комуналните инспектори, врз основа на Законот за јавната чистота, ќе изрекуваат казни.
Зимското одржување на градските улици и булевари завршува на 15 март 2020 година.