Пендаровски: Макрон гарантираше за методологијата до март, се друго е политичка одлука

Тој истакна дека во организација како ЕУ која има повеќе членки, можно е секој од нив да испорача некои сопствени барања, особено имајќи предвид дека во меѓувреме значи од 18 октомври од последните одлуки на Европскиот совет до нашите избори, април-мај има доста време и може се да се сличи.

362

Претседателот Стево Пендаровски од неговиот француски колега Емануел Макрон добил гаранција дека новата преговарачка методологија ќе биде донесена најдоцна до март, тоа е нешто во што можеме да бидеме сигурни, а се понатаму е политичка одлука.

Ова денеска го истакна претседателот на државата одговарајќи на новинарско прашање на што се должи оптимизот дека и пред Самитот во Загреб можеме да добиеме позитивен одговор од ЕУ и дали тој лично верува во гаранциите дадени од Макрон.

-Јас сум умерен оптимист. Не сум радикален оптимист. И од претседателот Макрон не добивме стопроцентна гаранција дека ќе има позитивна одлука до Загрепскиот самит. Имавме гаранција дека ќе биде донесена методологијата што е можно побрзо, тоа значи до март најдоцна. Значи, во тој дел можеме да бидеме скоро сигурни дека така и ќе се случи. Се понатаму е политичка одлука – нагласи Пендаровски денеска на свеченоста по повод заклетвата на 23-та класа на питомци и слушатели од курсот за стручно оспособување и усовршување за офицери, како и промоцијата на 19-та класа на питомци во чин потпоручник во нашата Армија.

Тој истакна дека во организација како ЕУ која има повеќе членки, можно е секој од нив да испорача некои сопствени барања, особено имајќи предвид дека во меѓувреме значи од 18 октомври од последните одлуки на Европскиот совет до нашите избори, април-мај има доста време и може се да се сличи.

-Јас се надевам дека ситуацијата ќе биде како сега, а сега нема дополнителни барања. Европа, тоа го кажа и Макрон јавно, побара време за себе, за нив да можат да ја устројат подобро методологијата за прием на нови членки, а не вели дека вие имате некои дополнителни услови кои треба да ги исполните за да бидете земја членка, така што остануваме во чекање. Сега да видиме ЕУ колку брзо ќе се преустрои самата внатрешно во однос на ова многу битно прашање – рече Пендаровски.

Шефот на државата истакна дека ние како земја сега сме на дневен ред, бидејќи тоа е многу битно прашање и за самата Унија.

– Значи, не сакаат повеќе да примаат земји членки кои не се доволно подготвени за членство. И знаете, има неколку негативни искуства и од постарите земји членки кои не се на нивото на просекот на Европа, да речам и во демократијата и во економијата – додаде тој.

Во врска со тоа дали со Макрон разговарал за раздвојување на пакетот Северна Македонија и Албанија, истакна дека тој како претседател на оваа земја има задача објаснува за нашите постигнувања и да се интересира за нашиот случај.

Макрон неколку пати во разговорот го прашал какви би биле евентуалните последици  од раздвојувањето.

– Јас му реков дека она што е неспорен факт познат и за македонската јавност е дека сите релевантни албански политичари и албански политички субјекти во Република Северна Македонија, вклучително и оние кои се на највисоки позиции во Владата, вклучително и Бујар Османи, кој е задолжен за евроинтеграциите имаат јавни изјави дека ако тоа евентуално се случи, тоа не е наша желба, ако би била евентуална одлука на Брисел, тогаш ние не би требало да бидеме казнети или ставени во иста позиција затоа што целиот процес е заснован на исполнување на критериуми – појасни Пендаровски.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...