Дескоска: Судството крева глас само кога треба да се распределат пари

330

За жал гласот на судството го слушаме кога станува збор за распределбата на пари, тие имаат најмалку кредибилитет да зборуваат кога довербата во нив од граѓаните е на најниско ниво, порача министерката за правда, Рената Дескоска откако денеска судската администрација излезе на протест за додатоците на плата.

Навистина е непријатно, рече министерката, кога во рамки на судството се јавуваат конфликти, внатре меѓу различни групи за начинот на поделба на средства за кои самите одлучуваат што всушност значи гласност и конфликт за пари.

– Жално е што не слушнавме став од сферата на судството по однос на прашањата заради кои тие се со најниска доверба кај граѓаните. Очекувавме реакција и од судиите и од претседателите на судовите и од администрацијата таму за случаите за застарување на гонење во одредени постапки и каде криминалот остнаува неказнет. Очекувавме реакција и од судиите и од судската администрација за одредени сомневања за криминални активности на поединци во нивните редови за кои не видовме кривично гонење. Слушавме за примери во кои судски доставувачи возат подобри автомобили од некои судови, слушаме за бизнис зделки меѓу судии обвинители и адвокати и за тоа очекуваме реакција и од обвинителството и од судскиот совет. Но, за жал гласот од редовите на судството го слушаме само кога станува збор за распределбата на пари – порача Дескоска.

Затоа, министерката ја повика Антикорупциската комисија која има основ да покрене постапка за проверка на имотот на судиите односно да направи спореда на анкетните листови кои ги пријавиле и на реалната состојба. Тоа, рече таа, е „благ ветинг“ за кој тие имаат основ да го направат бидеќи законски имаат таква можност во која постапка се вклучува и Судскиот совет. Дескоска изјави и дека ќе почнат разговори со Европската комисија, која претходно не дозволи, да ги преиспита ставовите и да дозволи целосен ветинг.

Таа рече дека излегла на прес-конференција да го каже ставот за денешните протести на судската администрација за платите и додатоци и посочи што тие направиле како влада. Министерката рече дека Владата обезбедила пари и на сите судии им се исплатени по 200.000 денари како додатоци за 2016 и 2017 година, кога истите не биле исплаќани. Покрај ова, посочи таа, ја исправиле неправдата и со законски измени овозможиле и судската администрација од март годинава да може да добива додатоци на плата.

Меѓутоа, процентот на додатоци си го одлучува судскиот буџетски совет и тие како министерство ќе ја почитуваат неговата независност.

– Ние создадовме законска основа за користење на додатоци за оние кои работат предмети со зголемен ризик, доверливост итн. Меѓутоа, зачудува начинот на исплата на додатоците односно тоа што се врши линеарно, сите имаат ист процент на додатоци и тука се доведува во прашање по кој основ, дали сите го имаат истиот обем на работа, истиот ризик, степен на доверливост на предметите кои ги работат? – рече министерката која одговарајќи на новинарско прашање рече дека веројатно се исплаќаат линеарно за да има „мир во куќа“.

На прес-конференцијата, Дескоска ги кажа и додатоците и платите.

На судиите основните судови платите им е околу 49.000 денари, на оние од основни судови со проширена надлежност околу 51.000, на судиите во апелациските судови околу 56.000, а во Врховен платите се околу 60.000 денари. Во судската администрација, во зависност од позицијата и образованието платите се движат од 14 до 45.000 денари.

Таа излезе и со бројки за додатоците, па така додаток од 5 отсто за судиите се движи од 2.500 до 3.300 денари, а додаток од 30 отсто кај судиите се движи од 14-19.000 денари.

Кај администрацијата додатокот од 5 отто е од 700-2.300 денари, а од 25 отсто 3.500 до 11.400 денари.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...