Пендаровски за париски „Ла Кроа“: Цели 14 години сме во чекалната на ЕУ

146

Само перспективата за интеграција во Европската унија ќе го спречат враќањето на авторитарните режими на Балканот, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за парискиот весник „Ла Кроа“.

Како што јави дописникот на МИА, на прашањето во врска со одлагањето на стартот на преговорите за членство на земјата во Европската унија, поради противењето на Франција“, претседател вели дека случајот со Северна Македонија е многу јасен, бидејќи покрај Турција „ние сме најстарата земја кандидатка“.

– Поминаа 14 години како што сме во чекалната на Европската унија. И во последните десет години, Европската комисија сериозно препорачува започнување на преговори за членство со нашата земја, бидејќи таа ги исполнува сите предуслови. Освен што прво моравме да го решиме историскиот спор околу името на нашата земја за надминување на ветото на Грција. Тоа успеавме да го сториме со Договорот од Преспа од јуни 2018 година. И ЕУ повторно ни рече „не“? Ништо не ја оправдува оваа одлука, која е истовремена многу непријатна и многу шокантна. Таа исто така беше многу критикувана – нагласува Пендаровски.

На прашањето на „Ла Кроа“ како реагирале Македонците на ваквата одлука на лидерите на ЕУ, Пендаровски одговара дека „евидентно реакцијата беше многу негативна“.

– Многумина сметаат дека Брисел се подбива со малите земји на Балканот, со тоа што испрати „не“ како награда, откако ја направивме оваа многу тешка одлука за промена на името на нашата земја… Во тоа време, помалку од половина од Македонците ја прифатија оваа промена – додава шефот на државата.

Сепак, она што е многу охрабрувачко, според Пендаровски, е тоа што 85 отсто од жителите на земјата остануваат определени за членството во ЕУ.

– Но, колку долго ќе трае овој ентузијазам ако ЕУ опстојува во нејзиното одложување? Тоа е судбината на малите земји, можеме само да ги молиме големите сили да не нѐ заборават – додава претседателот.

Тој во интервјуто открива и детали од разговорот со францускиот претседател Емануел Макрон, кој му рекол дека прво сака ЕУ да се реформира, пред да прими нови членки.

– Ние не бараме сега да станеме членки, само бараме да ги почнеме преговорите. Знаеме дека овој процес ќе трае многу години. Ништо не спречува паралелно да се спроведат двата пристапа и реформата и проширувањето – додава Пендаровски.

Тој посочува дека Макрон му порачал дека се надева оти реформата на методологијата на пристапните преговори ќе биде усвоена од страна на членките на ЕУ следната пролет.

– Тоа значи дека новата одлука за Северна Македонија би можела да биде донесена во првата половина на 2020 година, за време на претседавањето на Хрватска со ЕУ – вели претседателот Пендаровски.

Запрашан директно дали Макрон јасно се обврзал да каже „да“ за почеток на преговорите, Пендаровски одговара: „Не, но сакаме да веруваме дека тој ќе рече да“.

– Тој прифати многу од моите аргументи и призна дека Северна Македонија ги исполнува сите критериуми за започнување преговори, за разлика од Албанија, за која вели дека има сомнежи – вели Пендаровски, додавајќи дека Макрон за време на неговата посета на земјава планирана за првите месеци од 2020 година, ќе сака да го објасни својот став пред властите и граѓаните на земјава.

За тоа дали ЕУ со ваквиот свој став ја отвора вратата на Балканот за другите сили, како Русија, Турција и Кина, претседателот на Северна Македонија оценува дека „природата не сака празнина“.

– Доколку ЕУ е отсутна од регионот, сигурно е дека другите земји ќе ги направат своите интереси полесно достапни. Ова не е наша желба. Јас имам 56 години. Половина од мојот живот живеев во поранешна Југославија. Потоа имавме повторно авторитарна власт под десетгодишното владеење на Груевски (2006-2016). Сакаме да научиме од европските демократии како да се организираме да имаме стабилни политички институции, независно правосудство и слободен печат. Ако немаме европска перспектива, ако нашата иднина зависи од нашите национални политичари, ние ќе продолжиме да ги доживуваме овие циклуси на враќање назад и ќе изгубиме стотина години. И нашите млади, особено најдобрите, ќе продолжат да си заминуваат. Се проценува дека околу 500.000 луѓе ја напуштиле земјата за околу 20 години – вели Пендаровски.

Запрашан за целта на состанокот организиран од нашата земја, со Србија и со Албанија, на 10 ноември, Пендаровски одговори дека овие земји „сакаат да создадат еден вид „Мал Шенген“ на Балканот со укинување на царинските бариери и слободно движење на стоки и луѓе.

– Намерата не е тоа да биде алтернатива на членството во ЕУ – нагласува Пендаровски.

Тој потенцира дека последниве месеци загриженост предизвикала идејата за решавање на спорот меѓу Косово и Србија преку промена на границите.

– Со менување на границите на Балканот се презема огромен ризик од домино ефект во Босна и Херцеговина и Северна Македонија. Нестабилноста ги уништува сите напори преземени уште пред триесет години на Балканот – предупредува претседателот Пендаровски во интервјуто за париски „Ла Кроа“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...