Се одложи судењето за убиството на Пино, неговата мајка револтирано ја напушти судницата

499

Утрово во Основниот кривичен суд во Скопје се отвори првото рочиште судскиот процес за убиството на Пинета Секондо Пино, но набргу тоа се прекина и одложи по барање на адвокатите за подготовка на барањата.

Обвинета за убиството е неговата девојка, Ангела Ѓоргиевска, која се товари за соизвршителство, а главниот осомничен е во бегство и поради тоа не беше опфатен со првото обвинение.

Пино беше убиен во декември 2018, потоа со месеци се водеше за исчезнат и неговата мајка, Маја Трпковска, постојано апелираше и бараше помош да се пронајде, се до мај годинава кога синот беше пронајден мртов.

Таа утрово дојде во судот да го следи судскиот процес за убиството на Пино, а ја придружуваше свештено лице кое го фати за рака при влегувањето во судската зграда.

Кога започна рочиште, адвокатот на обвинетата, Еленко Миланов, рече дека поканата за рочиште ја примил пред четири дена, а според Закон за кривична постапка, треба да има најмалку осум дена за подготовка на одбраната. На предлогот мајката на Пино реагираше бурно и му даде краток ироничен аплауз на адвокатот за што беше опомената од судот.

Таа демонстративно ја напушти судница, а по неа излезе и свештеното лице кое ја придружуваше. Обвинителката Лидија Раичевиќ побара во случајот да се запази и процесниот морал и да се види кога е ангажиран адвокатот, кога добил известување дека истрагата е завршена итн.

Денеска, рече обвинителката, требаше да дадеме само воведни зборови и да најавиме како ќе настапуваме во судскиот процес и затоа рочиштето не требаше да се одложи.

Според обвинението, обвинетата на 11 декември 2018 година, го повикала оштетениот, сега починатиот Пинета Секондо Пино, и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и другиот осомничен со возило Опел Аскона, носејќи со себе пушка.

Тој го оставил неговото возило на насипот и седнал да управува со автомобилот Шкода со кое до насипот дошол оштетениот. На совозачкото место седнала обвинетата, додека оштетениот седнал на задното седиште. Тројцата, се тврди во обвинението, се упатиле по обиколница кон атарот на селото Арачиново и во една нива започнале вербална расправија, а потоа и тепачка. Во еден момент осомничениот со пушката го застрелал во главата оштетениот Пинета Секондо, информира ОЈО.

„Притоа, обвинетата дала особен придонес кон извршување на делото, така што овозможила да се сретнат, иако знаела за нивната меѓусебна нетрпеливост. Таа го повикала оштетениот, била присутна во моментот на неговото лишување од живот, а потоа заедно со другиот осомничен го ставиле телото на починатиот во багажникот на возилото. Заедно тие се упатиле кон гробиштата во селото Сингелиќ, а потоа се движеле низ планината кон Љуботен. На едно место здогледале дупка, па обвинетата и нејзиниот соизвршител го оставиле телото во дупката, покривајќи го со ќебе“, посочија од обвинителството кога го поднесоа обвинението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...