Во Тајпеј редици за автограм од Манчевски ФОТО

После првиот ден имаше толку ловци на автограми што следните вечери организаторите подготвија посебна локација со биро и асистенти за редот на вљубеници во филмовите на Манчевски.

346

Час и половина чекаше тајванската публика во 20-метарска редица за автограм од режисерот Милчо Манчевски. Салите беа преполни и во тајванските медиуми имаше голем одглас азиската премиера на „Врба“ на филмскиот фестивал Златен коњ (Golden Horse) во Тајпеј, Тајван, еден од најголемите фестивали во Азија.

Манчевски е автор во фокусот на фестивалот, и покрај премиерата на „Врба“, како ретроспектива прикажани се и неговите филмови „Пред дождот“, „Прашина“ и „Мајки“.

После првиот ден имаше толку ловци на автограми што следните вечери организаторите подготвија посебна локација со биро и асистенти за редот на вљубеници во филмовите на Манчевски.

По премиерата на „Врба“, Манчевски имаше долга сесија прашања и одговори со публиката која искрено се возбуди од филмот, а следниот ден тој одржа и долг мастерклас во преполна сала.

По повод неговата ретроспектива во Тајпеј, Синдикатот на филмски режисери на Тајван организираше и средба на Манчевски со нивното раководство и со младите режисери.

Куриозитет на престојот на Манчевски во Тајпеј е средбата со најславниот тајвански режисер Цаи Минг-Лианг, со кого пред 25 години во Венеција го освоија Златниот лав.

„Многу ми беше мило, не сме се виделе од Токио во 2001. И двајцата почнавме да правиме понеконвенционални филмови во меѓувреме, јас „Мајки“, „Бикини Мун“ и „Крајот на времето“, тој перформанс-филмови и филмови кои ги прикажува во музеи наместо во кино-сали. Си пуштавме парчиња од филмовите во прогрес на ајпед, се смеевме и шегувавме“, вели Манчевски за средбата со неговиот колега и пријател Цаи Минг-Лианг.

По премиерата, „Врба“ имаше уште две проекции на фестивалот, а по три проекции имаа и неговите филмови во ретроспективата. Проекциите на „Врба“ минаа феноменално – од смеења и воздишки до долги аплаузи и комплименти потоа.

Манчевски за првпат лично присуствува на фестивалот во Тајпеј, но неговите филмови се многу познати и ценети во оваа земја, а по „Пред дождот“ во 1995, сите играле и на фестивалот и во редовната кинодистрибуција во Тајван. Тие се редовен дел од наставата на филмските академии и други факултети во Тајван, а авторот има култен статус како уметник кој на оригинален и особен начин го поима и го третира времето во неговите филмови.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...