Договорот за предвремени избори се случил за помалку од еден час

3670

Договорот за предвремени избори на лидерската средба кај претседателот на државата Стево Пендаровски се случил за помалку од еден час. Како што изјави шефот на државата вечерва во интервјуто во Топ Тема на телевизија Телма, клучната дебата се водела околу потребата да се обезбеди Пржинска влада во полно траење од 100 дена.

Пендаровски на лидерската средба побарал да се води сметка околу ратификацијата на НАТО Протоколот, што, според него, е од ултимативна важност за нашата држава.

Мојот став, подвлече шефот на државата, како човек кој долги години се занимава со овие политички процеси, е дека после една прилично неповолна одлука на ЕУ, спротивно од се она што очекувавме сите ние да добиеме датум за преговори, е дека можеби е добро да се преиспита политичкиот легитимитет на владејачките партии на избори.

Инаку, првичните предлози на премиерот Зоран Заев за предвремени парламентарни избори биле во два датуми во декември, меѓутоа, рече Пендаровски, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицковски сметал дека во тој случај би имале само 50–тина денови и тоа не би биле 100-те предвидени по закон за Пржинска влада.

– Тука имаше различни правни толкувања. Надвладеа политички и џентлменски став да се дадат 100 дена и изборите ќе бидат закажни подоцна иако се во суштина предвремени, не се редовни – рече меѓу другото претседателот на државата.

Впечатокот на Пендаровски, како што рече, е дека  владата тоа што има да го покаже во делот на реформите, има време да го покаже до 3.јануари, но и подоцна.

– Добро е што се запази динамиката со НАТО Протоколот затоа што ако беа изборите во декември, возможно е Шпанија да направи брзо влада, иако изборните резултати тоа не го гарантираат. Во декември ќе беше проблематично ако имаме избори бидејќи ќе требаше  веднаш да се распушти Парламентот. Ова сега остава доволно простор, до февруари, дури јас тврдам како правник дека и понатаму ако затреба и е од најголемо значење, може да го свикаме Парламентот – изјави меѓу другото шефот на државата Пендаровски.

На прашањето каква би била кохабитацијата ако ВМРО – ДПМНЕ дојде на власт, претседателот Пендаровски посочи дека има ситуации и некои негови изјави кои не наидуваат на одобрение од сегашната влада, иако е дел од таа политичка структура десетина години.

– Ако улогите се заменат евентуално догодина, мислам дека нема да имам никакви проблеми затоа што односот и на сегашната влада кон мене, но и односот на сегашната опозиција кон мене, покажува дека јас верувам во тоа непристрасно ја работам својата работа – рече претседателот Пендаровски.

Информира дека по лидерската средба немал средба Мицковски и оцени дека не бил добар знак тоа што лидерот на ВМРО – ДПМНЕ не присуствувал на Советот за безбедност на кој се разговарало за многу битни прашања за безбеноста на државата и за безбедноста во поширокиот регион која, подвлече, може да има влијание врз нашата безбедност.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...