Во текот на 45-та недела од 2019 година, од 4 до 10 ноември, пријавени се 39 (I=1,9/100.000) случаи со заболувања слични на грип, што е зголемување за 10 во споредба со минатата недела, информираат од Институтот за јавно здравје на РМ.
Вкупниот број на заболени од грип во сезоната 2019/2020 изнесува 125. Вакцинацијата против ова заразно заболување доцни, а според најавите на надлежните, ќе почне да се врши за една недела, на 22 ноември, во центрите за јавно здравје.
Оваа недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ пристигнати се 7 материјали за тестирање на грип, а сите се негативни на присуство на вирусот на инфлуенца.
Оваа недела пријавени се заболени лица од 6 извештајни единици, од кои во две извештајни единици бројот на пријавени заболени лица е поголем од 10. Најголем број заболени се пријавени од Гостивар, 14 и Куманово, 10. Највисока неделна инциденца (I=11,7/100.000) е регистрирана во Гостивар.
Бројот на пријавени лица оваа недела е повеќе од двојно помал споредено со 45-та недела од минатата сезона, 84.
Пријавената инциденца е под неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип (I=36,38/100.000). Активноста на вирусот на грип е под сезонското ниво, односно сѐ уште не е достигнат прагот на влез во сезоната на грип, појаснуваат од ИЈЗ.
Како и претходната, во 45-та недела најголем број заболени (n=22; 56,4%) се пријавени во возрасната група од 15-64 години, додека највисока инциденца од 4,3/100.000 жители е регистрирана кај најмалите, децата од 0-4 години.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување, Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на т.н. ризични групи (согласно препораките на СЗО).