Има ли простор за оптимизам за Македонија пред загрепскиот самит на ЕУ?

221

На состанокот на Советот на министри за општи работи на ЕУ (ГАК) кој се очекува да се одржи другата недела на 19 ноември во Брисел ќе се дискутира и за проширувањето, но прашањето за Македонија и за Албанија нема да биде тема за која ќе има какви било заклучоци или одлуки, ако се суди според агендата за министерскиот состанок објавена на страницата на ЕУ.

„На нивниот последен состанок на 11-18 октомври, ЕУ лидерите зборуваа за процесот на пристапни преговори со Албанија и со Република Северна Македонија. Тие одлучија да се вратат на прашањето за проширување пред самитот на ЕУ за Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година. Се очекува министрите да разговараат на оваа тема. Но, сега не е предвидено дека Советот ќе донесе заклучоци“, пишува на страницата на ЕУ.

И пред да биде официјално објавена агендата за министерскиот состанок беше јасно дека Македонија и Албанија ќе останат во чекалницата без одговор до Самиот на ЕУ во Загреб. Но, откако на почетокот на ноември на неформален состанок на амбасадорите во дипломатската престолнина, беше отворена темата за проширувањето и блокадата, некои од поддржувачите на проширувањето кои, како што беше објавено, инсистирале да биде вратена темата многу побрзо и да не се чека загрепскиот самит оставија простор за оптимизам.

На состанокот во вторник, како што претходно објави дописникот на МИА, се очекува Франција која ги блокираше преговорите на ЕУ со Македонија и со Албанија, да поднесе подетални барања за предлозите за реформа на методологијата на процесот на проширување.

Според српската државна телевизија РТС, Франција во вторник ќе ги претстави предлозите за реформа на процесот на проширување на ЕУ, а по барање на неколку земји членки, меѓу кои и Италија, Полска, Австрија и Чешка.

Овие земји наводно побарале дебатата за проширување да продолжи на министерскиот состанок за да се најде излез од сегашната блокада и да се покаже дека ЕУ не им го свртела грбот на земјите од регионот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...