Полската полиција уапси двајца членови на група осомничена за планирање напади врз муслимани, инспирирани од чинот на норвешкиот масовен убиец Андерс Беринг Брејвик и напаѓачот на Нов Зеланд Брентон Тарант, соопшти денеска полската служба за безбедност.
Осомничените биле приведени во неделата во главниот град Варшава и во северниот дел на земјата.
– Апсењето се засноваше на информации претходно собрани од Агенцијата за внатрешна безбедност за екстремистичка група чија цел била да ги заплашат муслиманите што живеат во Полска – се вели во соопштението на агенцијата.
Тие информации покажаа дека групата била инспирирана од терористички напади извршени од екстремисти, меѓу кои и Брејвик (во Норвешка 2011) и Тарант (Нов Зеланд 2019). Групата имала намера да употреби огнено оружје и експлозив во нападите.
При претресот на куќа во предградие на Варшава, агентите на Агенцијата за внатрешна безбедност пронашле оружје, муниција и материјал потребен за правење експлозиви.