Здравствената состојба на Бојан Јовановски Боки 13 е комплицирана, посочил адвокатот Сашко Дуковски во разговор со новинарски екипи денеска пред Кривичниот суд.
Според информациите, тој практично функционирал без левиот бубрег кој му откажал.
Доцна попладнево ја контактиравме и затворската управа во Шутка, каде е сместен Боки 13, како обвинет во случајот „Рекет“, и прашавме дали затворот има информации за неговата здравствена состојба и дали евентуално преку судот стигнала документација за хоспитализација, но од таму ни најавија информации за утре.
Од лекарски извори, пак, Плусинфо, дознава дека минатата недела Јовановски бил спроведуван во една од болниците во Скопје бидејќи имал уринарна инфекција.
Откако е во притвор за „Рекет“, здравствената состојба на Боки 13 е постојано вест во медиумите. За неа зборуваше и самиот обвинет кога на 3 октомври 2019 бараше Апелација да му го укине притворот. И тој и неговиот адвокат посочија дека Боки 13 имал две неуспешни операции на желудникот односно имало лекарска грешка при врзувањето на тенкото црево со желудникот.
– Покрај ова што го наведов за двете неуспешни операции со лекарска грешка е утврдено дека нерв од желудникот ми е пресечен, утврдено е и дека имам некаков проблем со белите дробови. Имам и 4 дијагнози утврдени кои се однесуваат на кичмениот дел. По многу од укажаните упатствија на лекарот за примање терапија, условите каде се наоѓам не го дозволуваат тоа. Она со што сакам да ве запознаам е дека тоа што немам физички проблем и што можеби изгледам добро не ја отсликува мојата здравствена состојба која е живогнозсгрозувачка. Јас во оваа постапка треба да бидам жив и здрав, а не мртов – рече тогаш Боки 13.