Францускиот претседател Емануел Макрон ја поддржува идејата за „малиот Шенген“, тврди белградскиот весник „Блиц“.
Според „Блиц“, Макрон на средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ во понеделникот порачал дека „малиот Шенген ја рефлектира неговата идеја кога станува збор за функционирање на регионот пред влезот во ЕУ.“
– Макрон и Вучиќ разговараа за иницијативата за регионална економска зона. Францускиот претседател рече дека тоа е позитивна идеја, дека тој така го замислува функционирањето на регионот сѐ додека државите не станат членки на ЕУ. Тој исто така вети и поддршка – наведува неименуван извор на весникот „Блиц“.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, српскиот претседател по средбата со Макрон изјави дека со него разговарал и на темата за „Малиот Шенген.“
– Добивме официјални податоци од Светската банка дека доколку во иницијативата ги имаме сите шест земји од Западен Балкан, вкупната заштеда би изнесувала 3,5 милијарди евра, а само за Србија 1,5 милијарди. Станува збор за огромни пари. Тој ме праша „дали планирате и очекувате други“ и јас одговорив „се надевам“ – изјави Вучиќ за деталите од разговорот со Макрон.
Фото: EPA/KATIA CHRISTODOULOU