Недобивањето на датумот за почеток на преговори негативно влијаеше врз целото општество, но за мене беше дополнителен мотив за одлуката да направам исчекор со кој поактивно ќе се вклучам во процесот на реформите од кои што нашите граѓани и нашата држава ќе имаат бенефит и со кои ќе потврдиме дека местото на С. Македонија и е во НАТО и ЕУ, се огласи преку соопштение новиот потпретседател на Собранието Зеќир Рамчиловиќ.
Тој на новата функција беше избран денеска на предлог на владеачките СДСМ и ДУИ. За потсетување Рамчиловиќ пратеничкиот мандат го освои со Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, а лани по гласањето на уставните измени за името стана дел од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ. На 1 ноември тој го извести претседателот на Собранието дека ќе дејствува како независен пратеник.
Тој во соопштението и се заблагодари и изрази почит на Независната пратеничка група, за како што вели, за сето она што го направивме заедно за државата во изминатиот период и со верба дека Независната пратеничка група и понатаму ќе продолжи да биде конструктивен чинител во работата на Парламентот.
-мИм се заблагодарувам на парламентарното мнозинство и на сите оние кои ме предложија и ја поддржаа мојата кандидатура за потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија. За мене тоа претставува голема чест и обврска за понатамошно делување, но и признание за посветената работа во законодавниот дом во изминатиот период. Дополнително што со ова се потврдува искрениот пристап на власта за градење на едно општество со еднакви можности и права за сите граѓани, но и споделени должности, обврски и одговорност без оглед на етничката, верската или друга припадност. Очекувам ова да стане и пракса да во секој понатамошен парламентарен состав еден од потпретседателите биде од редот на помалкубројните етнички заедници. Поради тоа, особена благодарност до оние пратеници од помалкубројните етнички заедници кои тоа го препознаа, ме поддржаа и гласаа за мене, соопшти Рамчиловиќ.