На поранешниот шеф на обезбедувањето на претседателот на Собранието, Горан Ѓошевски, и на екс началникот во МВР, Оливер Поповски, обвинети за настаните од 27 април во македонското Собрание, им се укинува мерката притвор за што е поднесена гаранција.
Во денешното соопштение од Основниот суд Скопје 1 се наведува дека Кривичниот совет го прифатил предлогот на одбраната да се укине притворот со гаранција.
– Кривичниот совет на одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, постапувајќи по поредлог на одбраната на Г.Ѓ., О.П. и З.С. опфатени со обвинителниот акт поврзан со настаните од 27 април 2017 год. во Собранието на Р.М., за укинување на мерката притвор, Советот донесе решенија со кои за обвинетите Г.Ѓ. и О.П. го прифати предлогот за определување мерка за обезбедување присуство – гаранција, со кои по правосилноста на решенијата и запишување на гаранцијата, мерката притвор ќе се укине, а заради обезбедување на присуство во текот на постапката им се определуваат и мерки за претпазливост, велат од Судот.
На обвинетиот З.С. мерката притвор му се заменува со мерка „куќен притвор“.