Германија ќе продолжи да дава свој придонес за продолжување на европскиот пат на Северна Македонија, порача денеска шефот на германската дипломатија Хајко Мас пред доаѓањето во Скопје.
– Северна Македонија цврсто ѝ припаѓа на Европа. Сакаме ЕУ да го одржи зборот кон Северна Македонија и кон Албанија. Северна Македонија постигна историски договор со Грција. Германија ќе придонесе за продолжување на тој пат. Не се работи само за кредибилитетот на ЕУ, туку и за нашиот стратешки интерес за постоење на стабилен и сигурен регион во срцето на Европа – се наведува во пораката на Мас.
Тој нагласува дека „заедничка цел е што побрз почеток на пристапните преговори“, за што, како што вели, денеска ќе разговара со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
– Се радувам на разговорите и со премиерот Зоран Заев и со претседателот Стево Пендаровски. Сега е важно да им се излезе во пресрет на очекувањата и надежите на граѓаните на Северна Македонија – потенцира Мас, порачувајќи дека земјава мора доследно да го продолжи патот на реформите и на владеењето на правото.
Како што најави Министерството за надворешни работи Димитров и Мас ќе разменат мислења за најновиот развој на внатрешно-политичките состојби во земјата, исходот од последниот Европски совет и можните следни чекори, за преостанатите активности во делот на реформите, вклучително и развојот на добрососедските односи. Воедно ќе бидат разгледани и клучните моменти од односите меѓу двете пријателски земји и можностите за нивно продлабочување, како и актуелната динамика на односи на регионален план.
По средбата, пак, на Пендаровски и Мас во „Вила Водно“, на заедничка иницијатива на германското Министерство за надворешни работи и на претседателот на Република Северна Македонија, ќе се одржи дебата на тема „Тековни состојби и предизвици во реформите во сферата на правната држава“, на која ќе учествуваат и претставници на државните власти, на правосудните органи, како и претставници на надлежни институции во оваа област.