Демиркапијка наградена за главна женска улога на театарски фестивал во српски Уб (ФОТО)

1631

Младата демиркапијка Кристина Николовска беше наградена за главна женска улога на театарски фестивал во српскиот град Уб, кој се одржа изминативе неколку дена. Освен што освои една од двете награди, таа претходно беше прогласена и за актер на вечерта, во рамките на фестивалот. Таа појасни дека станува збор за манифестација на која учествуваат аматерски театри од бившите југословенски републики, кои претходно имале најдобри и наградени претстави во своите матични земји. Една од двете награди за најдобро женско актерско остварување, ја доби за улогата на Ева во претставата „Умри машки“ од Алдо Николај, во режија на Томе Атанасов. Дел е од театарот при Домот на културата „Мирка Гинова“ од Демир Капија, кој опстојува цели 53 години.

– Во Кочани, оваа година на ДАФ, драмскиот аматерски фестивал, бев наградена за главна женска улога, па по тој повод бевме поканети на 12 издание на српскиот фестивал. Имаше стручно жири и жири од публиката – рече Николовска.

Во образложението на одлуката, стои дека се наградува поради леснотијата во сценскиот израз, чувство за комичност на карактер, но и чувство за мерка. Сето тоа, се додава, укажува на надарена глумица, со значајни потенцијали.

Кристина Николовска има 25 години. Во аматерскиот театар глуми дваесетина години. Деновиве ги заврши студиите по медицина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...