Државниот завод за ревизија (ДЗР) кој е единствениот контролен механизам за трошење на буџетските пари повеќе од две години е без главен ревизор чиј избор заглави во собраниската комисија со која претседава пратеникот Илија Димовски.
Димовски за Плусинфо вели дека откако во минатата недела пропадна обидот да се избере прв човек на ДЗР, до Комисијата за избори и именувања никој од пратениците не доставил нов предлог. Оттаму, вели Димовски, во наредните два дена, до петок ќе направи нов круг на консултации, за конечно да се избере првиот ревизор и да се одблокира работата на државната ревизија.
Во дворските игри на политичарите беше пропушена шансата на чело на оваа институција да застане човек, одлучен и независен, професионалец, кој без вклучување на црвениот телефон, на која било гарнитура на власт, ќе го ревидира трошењето на народните пари, а истовремено ќе биде и аларм за какво било незаконско работење, корупција и злоупотреба на функција. Познато е каков беше епилогот на работата на државниот ревизор кога во времето, токму во ревизорска контрола беше откриено едно цело криминално здружување кое доби завршница во судскиот предмет познат како „Бачило“.
Димовски потсетува дека на последната седница ја прекинал расправата по точката за избор на главен државен ревизор, бидејќи предлогот не доби мнозинство гласови.
Пратеникот Мухамед Зеќири го предложи Адем Цури за државен ревизор и за него гласаа шест од 12 присутни членови на Комисијата. Пратеникот Ејуп Алими, пак го предложи Насер Адеми кој ја извршуваше функцијата заменик државен ревизор. Според Зеќири, Адеми скоро 18 години е на раководно место во институцијата и токму од тие причини не може да биде главен ревизор оти неговата кандидатура не е во согласност со барањата на ЕУ. Така, на почетокот на месецов пропадна обидот да се избере главниот ревизор, иако меѓу пратениците во два наврата во неофицијални консултации беа споменати двајца ревизори кои целиот свој работен век го имаат поминато во ДЗР и кои имаат постигнато неспорни резултати во ревизијата на трошењето на народните пари.
Од разговори со пратеници, членови на собраниската комисија за избори и именувања дознаваме дека најголеми шанси да се постигне консензус имало околу ревизорката Тања Тасевска која се смета за еден од основачите на ДРЗ, како и ревизорот Максим Ацевски затоа што нивната професионалност можела да ги фрли во сенка разликите во ставовите и на опозициските и на пратениците од власта. Сепак, на седницата дворските игри нарачани од повисоко ниво во политичките партии не дозволиле да падне договор за првиот човек во ДЗР.
Политичарите во случајов тотално ги игнорираа барањето и на невладините организации, како и на вработените во ДЗР кои беа принудени и со отворени писма да преупредуваат какви можат да бидат последиците ако и понатаму се блокира работата на институција која е формирана да обезбеди независна контрола на трошењето на парите на даночните обврзници.
Вработените во ДРЗ предупредуваат дека не ќе може да земат плата, потоа да се донесе Годишната програма за работа на ДЗР за следната 2020 година, а нема да можат да ги платат и режиските и другите основни трошоци, но и други обврски кои произлегуваат од договорите за јавни набавки.
– Нема да бидеме во можност да ги оствариме основите права од работен однос, плата, пензионирање, што ќе предизвика вработените да бидат надвор од системот на социјалното и здравствено осигурување и кредитните обврски. Извесно е дека ќе се организираат предвремени парламентарни избори во РСМ, за што согласно Изборното законодавство ДЗР има важна улога во реализирање на истите, а нема да биде во можност да ги исполни. Извештајот на Европската комисија ќе содржи негативна оценка во делот за нашето функционирање – предупредија вработените во ДЗР.