Во следните две недели заинтересираните граѓани, организации и компании ќе можат да ги разгледаат и да дадат свој коментар за предлог-законите за централен регистар на население и за електронско управување и електронски услуги, кои се веќе ставени на веб-страната на ЕНЕР.
Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) денеска ја организираше првата јавна расправа за овие два закони, со кои меѓу другото, се предвидува и Регистар на население што ќе биде основа и за порталот за е-услуги.
– Регистарот на население е основа и за порталот за е-услуги, каде граѓаните ќе можат најголем дел од услугите што секојдневно им се потребни да можат да ги добијат по електронски пат и поевтино. Ова претставува платформа за креирање на електронски идентитет на граѓаните и постојано ќе се надградува со податоци од други институции – истакна министерот Дамјан Манчевски.
Повтори дека Регистарот не е и не може да биде замена за попис на населението во Македонија. Ќе бидат користени базите на податоци на институциите како МВР, на Управата за водење на матични книги и други.
Регистарот на население, појасни Манчевски, има за цел граѓаните, на поедноставен начин да ги добиваат сите потребни документи, што ќе придонесе до подобрување на квалитетот на животот.
Под определени услови, податоците од регистарот ќе може да бидат даден на користење и на комерцијални институции.
Манчевски кажа и дека паралелно со процедурата за носење на законите се работи и на техничките подготовки за фукционирање на регистарот. Набавката на опремата и софтверот кои се поставуваат на локација чинеле 700.000 евра, од кои поголем дел се обезбедени од Европската унија.
На трибината зборуваа правен експерт Георги Димитров, претставниците на граѓанскиот сектор како партнери на овој процес, Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар и Љупчо Петковски од Евротинк.
Димитров посочи дека процесот не завршува еднократно само со донесување на регистарот на населението, и дека освен ажурирањето на податоците, исто така, е важен и процесот на заштита на личните податоци на граѓаните.
Петковски, кој посочи на низа проблеми со кои се соочуваат граѓаните при вадење на документи во институциите, кажа дека треба да се надмине проблемот со шетање по шалтери, за сите граѓани, а особено за социјално ранливите категории.
Со Регистарот на население треба да се надмине и порблемот со постоење различни податоци во институциите.
Бејкова посочи дека прочистувањето на Избирачкиот список покажало дека институциите имале несонхринизирани податоци.
– Претстои голема работа во оваа насока – изјави таа.
Се најавува дека Регистарот на население би можел да почне да функционира од сепртември 2018 година.