Министерот за надворешни работи на Сојузна Република Германија, Хајко Мас денеска престојува во посета на Република Северна Македонија. Мас ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски и со шефот на дипломатијата Никола Димитров.
Димитров и Мас, како што најавуваат од МНР, ќе разменат мислења за најновиот развој на внатрешно-политичките состојби во земјата, исходот од последниот Европски Совет и можните следни чекори, за преостанатите активности во делот на реформите, вклучително и развојот на добрососедските односи. Воедно ќе бидат разгледани и клучните моменти од односите меѓу двете пријателски земји и можностите за нивно продлабочување, како и актуелната динамика на односи на регионален план.
По средбата Димитров и Мас, предвидено е да одржат и заедничка прес-конференција.
Хајко Мас попладен ќе биде примен од претседателот Пендаровски во „Вила Водно“. По средбата со Пендаровски, на заедничка иницијатива на германското МНР и претседателот на Република Северна Македонија, ќе се одржи дебата на тема „Тековни состојби и предизвици во реформите во сферата на правната држава“.
На дебатата, како што информираат од кабинетот на претседателот, покрај Пендаровски и Мас, ќе учествуваат и претставници на државните власти, на правосудните органи, како и претставници на надлежни институции во оваа област.
ФОТО: EPA