Албанскиот премиер Еди Рама денеска изјави дека политичарите во Приштина со спротиставувањето на заедничката иницијатива за создавање „мал Шенген“ ја загрозуваат надворешната политика на Албанија поради своите внатрешно-политички интереси.
Во изјава за албанската телевизија Топ ченел, Рама рече дека долго време му објаснувал на лидерот на движењето Самоопределување и најверојатно следен премиер на Косово, Албин Курти во што е значењето на „мал Шенген“ и оти би бил многу изненаден ако тој не сфатил, бидејќи е „доволно интелигентен“.
– Ако се преправа дека разбира или не разбира, тоа е негов избор, но изгледа дека надворешната политика на Албанија се користи за внатрешна политика. Не верувам дека тоа е најдобро, ќе имаме време да поразговараме и да ја продлабочиме дискусијата – оцени Рама.
Што се однесува на изјавата на Курти за отворање на границата меѓу Албанија и Косово, Рама рече дека такво нешто нема да може да се направи без согласност од Србија.
– Ако Курти сака да ги отвори границите, тогаш мора да се согласува со сите држави – истакна албанскиот премиер.