Министерството за одбрана прави исклучителни чекори напред во доменот на родовата еднаквост и родовата перспектива. Се зголемува бројот на жените кои се пријавуваат за доброволно служење воен рок, има зголемен интерес за учество во Армијата како офицери.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска денеска се обрати на конференцијата организирана од SEESAC, посветена на родовата еднаквост и родовата перспектива во одбраната, каде посочи дека зголемувањето на учеството на жени во армиските редови не се прави и не треба да се прави преку ноќ, туку треба силна работа и силна посветеност. За тоа дека овој проблем не е само на регионот, туку и пошироко, рече, доказ се бројните невладини организации, бројните резолуции на Обединетите Нации, бројните здруженија на граѓани кои низ целиот свет се трудат да ги разбијат стереотипите.
– Од околу 6.700 припадници на Армијата, 635 се жени, односно околу 10 проценти, а од нив офицерки се 15 проценти, подофицерки 11 проценти, а професионални војнички само пет проценти – информираше министерката и додаде дека фактот дека десет проценти во последната класа на граѓани на доброволно служење воен рок се девојки, покажува дека интересот за професијата се зголемува. Она што е најважно, истакна министерката, е не само да ги привлечеме жените да бидат дел од војската, туку и да ги задржиме да ја градат тука својата кариера.
– Навистина правиме сѐ да ја направиме Армијата пријатна средина, конструктивна, отворена средина за работа на жените и да имаме што повеќе жени на високи позиции. Донесовме упатство за заштита од вознемирување на работно место, целосно во согласност со политиките на НАТО и програмата на ООН за жени, мир и безбедност. Со предложените измени на Законите за одбрана и за служба во Армијата, за прв пат родовата компонента треба да биде интегрирана во сите структури и е дел од политиките на Министерството. Оваа година за прв пат работиме на родова структура на Министерството и Армијата, со која се воведуваат родов советник на началникот на Генералштаб, родов советник на Министерството и родови претставници на сите пониски нивоа – истакна Шекеринска.
Министерката посочи дека клучната промена не е во фактот дека се превземаат овие чекори, туку дека оваа политика е реално прифатена и од Генералштабот, што овозможува таа да е одржлива на подолг рок.
Обуките за родова рамноправност и кршењето на бариерите во кариерното унапредување се дел од чекорите за целосна родова еднаквост. Во редовите на Армијата има три полковнички, а речиси во секоја мисија во Авганистан, во рамките на контингентот од Армијата има жени, исто како што во мисијата во Либан во моментов е претставничка на Армијата, а аѓутант на Претседателот е жена – полковничка, прва на таа позиција во историјата на државата.