Ѓоргиевска: Не ја претпочитам титулата Прва дама, верувам во еднаквост и затоа ја тргнав од веб-страницата

3473

Јас лично не ја претпочитам титулата Прва дама, затоа што отсекогаш верував во еднаквост на сите луѓе и на сите жени. Првата работа што ја направив беше да го сменам ова од веб-страницата на Претседателот, порача сопругата на Стево Пендаровски, Елизабета Ѓоргиевска од Кенија, каде учествува на Најроби Самитот, што се одржува на 25-годишнината од Меѓународната конференција за население и развој (ICPD).

– Но, кога мојот сопруг стана Претседател на земјата, бев сведок на ситуација кога на луѓето им требаше некој да обрнува внимание на нивните проблеми, не мора да значи дека секогаш би можела да ги решам, но понекогаш им требаше некој што ги слуша. Јас немам моќ да ги менувам законите, но би можела да работам на подигање на свеста за проблемите. На луѓето им треба водство и лидерство. Им требаат луѓе со визија за да го променат општеството на подобро. Мојата цел е да ја истакнам важноста на одредени проблеми, кои не беа истакнати, и би сакала да бидам пример со дејствувањето – рече Ѓоргиевска.

Конкретно, таа говореше на тема „Сексуално и репродуктивно здравје и права: основен елемент на универзалното здравствено покритие“.

Ѓоргиевска во говорот ја нагласила посветеноста на нашата земја кон заложбите и идеите на ICPD, како една од потпретседавачите на Конференцијата во историско време за нашата земја, набргу откако се стекна со независност. Тие заложби, без разлика дали се политички или финансиски, ќе бидат усогласени на глобално, регионално, национално и локално ниво од страна на владите, бизнис-секторот, фондациите и други организации.

Таа изрази надеж и залагање дека ќе успее да придонесе во постигнување на трите нули до 2030 година: нула неисполнета потреба за планирање на семејството, нула превентивни смртни случаи на мајки и нула родово базирано насилство и штетни практики како што се детски брак и осакатување на жените.

 – Треба да ги забрзаме напорите повеќе од кога и да е, и да го подобриме долгорочно здравјето на сите. Неопходно е обезбедување еднаков пристап до квалитетна и сеопфатна примарна здравствена заштита за сите жени во текот на целиот живот, потоа, развој на координиран систем на грижа и обезбедување грижа специфична за здравствените потреби на мајките, за секоја бремена жена и новороденче, така што жените ќе раѓаат безбедно – рече во дебатата сопругата на претседателот.

На Самитот во Најроби, што се одржува од 12 до 14 ноември во организација на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), учествуваат повеќе од 6.000 делегати и со неговото одржување се очекува да се мобилизира политичката волја и финансиските заложби итно потребни за исполнување на програмата на ICPD. Организацијата на самитот е во соработка со владата на Данска и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...