Само уште Словенија треба да даде виза за транзит на 400 буриња со 11 опасни хемикалии од ОХИС, меѓу кои е и метил акрилат мономерот, изјави за Плусинфо Владо Момировски, управител на Друштвото за собирање и примарна обработка на отпадоци Екоцентар 97 ДООЕЛ Скопје.
Во петокот во кругот на фабриката се излеа течност при перење цистерна која порано содржела метил акрилат мономер и непријатната миризба предизвика паника кај дел од жителите во околината.
Се чекаат резултатите од испитувањата по петочниот инцидент, по што се очекува да биде изречена казната.
Момировски појаснува на што уште се чека за овие опасни хемикалии од ОХИС, по околу 30 години, да бидат извезени од нашата земја. Тие се спакувани во околу 400 буриња.
– Секој ден ја чекаме дозволата за транзит на бурињата низ Словенија, а обезбедивме документација за транзит од шест земји, како и дозвола од фирмата од Швајцарија која ќе се погрижи за овие хемикалии – вели Момировски.
Во врска со тоа колку ќе чини оваа операција, тој изјави дека вкупната сума за пакувањето на хемикалиите, транспортот, дозволите за транзит, дури и за уништувањето или преработката во Швајцарија, ќе изнесува 1,7 милиони евра. Во оваа сума влегуваат и платите на вработените во Екоцентар 97.