ДОМ го прашува Уставниот суд: Зошто ги криете пријавите за скандалозните ДУП – и во Карпош?

936

ДОМ јавно ги прашува членовите на Уставниот суд зошто не постапуваат по 4-те пријави за скандалозните ДУП-и во Карпош, поднесени од граѓанската иницијатива Коалиција О2 за чист воздух?

Во пријавите за ДУП 3 06, 3 04, 3 05 и С3 19, јасно е наведено прекршувањето на процедурата за донесување, со тоа што не е објавена Одлуката за неспроведување на Стратегиска оцена за влијанието врз животната средина на официјалната страна на општина Карпош, оценува партијата на Лилјана Поповска.

Реакцијата ја пренесуваме во целост:

„Евентуалната реализација на овие спорни ДУП-и би значела натамошно загрозување на животната средина на жителите на општина Карпош, но и на сите Скопјани, имајќи го предвид обемот на население што се планира да се „всели“ во нацртаните градби со гиганстски димензии. Ниеден од овие ДУП-и немаат предвидено 20% зеленило, како што стои во одредбите од Законот за урбано зеленило, донесен во јануари оваа година, како егзистенцијален минимум за нормално и квалитетно живеење! Сите тие планови го прекршуваат Генералниот урбанистички план на Скопје во одредбите за обезбедување еколошки услови за живеење (растојание меѓу објекти, зеленило, проветреност, осончаност, движење на пешаци и моторни возила, инфраструктура и сл.).

Несфатливо е зошто Уставниот суд веќе со месеци ги крие пријавите за ДУП-те во Карпош во фиока, а постапува по нови подоцнежни пријави, спротивно на законската обврска и пракса. Ова не наведува на помисла дека некој, или некои од уставните судии се во директна спрега со заинтересираните инвеститори на овие „гигантски“ објекти. Затоа јавно ги прашуваме дали е ова така како што изгледа од страна, а ако не е, ги повикуваме да ги земат предметите, да ги анализираат и да донесат чесна одлука во интерес на граѓаните на Карпош, а не во интерес на урбанистичкиот мега-бизнис!,“ се наведува во реакијата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...