Попова Шапка пред 85 години и сега

362

Преку изложба насловена „85 години Попова Шапка“, планинарскиот клуб „Љуботен“ од Тетово ја одбележа јубилејната годишнина од отворањето на првиот планинарско-скијачки дом „Попова Шапка“ на 11 ноември 1934 година.

На изложбата беа поставени 20 паноа со фотографии и текст за историскиот развој на Попова Шапка од 30-тите години на минатиот век, па досега, 17 паноа со историски документи и фотографии, како и 25 oригинални предмети од историско значење за планинарството и скијањето.

– На 11 ноември 1934 со отворањето на првиот дом почнува приказната за создавањето на Попова Шапка како скијачки и планинарски центар. Уште од тогаш голем број ентузијасти, визионери и пионери ја трасираат патеката по која ние денес одиме. Секогаш се прашувам дали ним им било потешко пред 85 години или на нас денеска. Да се градат објекти без пат, без превозни средства како што има денеска. Тешко било, но сепак некој го трасирал тој пат. Развојот на Шапка ја покажува волјата на населението и стремењето кон европските вредности почитувајќи ја сопствената традиција – истакна на отворањето Јован Божиновски, претседател на планинарскиот клуб „Љуботен“.

На паноата преку фотографиите присутните имаа можност да прочитаат како се одивала градбата на домот, за што било објавувано во тогашните весници. Гостите имаа можност да ги видат и сочуваните предмети како првите рачно изработени скии во Тетово во 1931 година од Никола Николовски-Коларот, потоа санка за спасување повредени од 1947 година и слично.

– Овие приказни и предмети нѐ потсетуваат дека ПК „Љуботен“ заслужил поголема поддршка од државата па и меѓународните организации за отворање на планинарско-скијачки музеј во Тетово кој и со оваа изложба се докажува дека претставува перјаница на скијачките и планинарските спортови во нашата држава – истакна историчарот Бранислав Светозаревиќ.

Првиот дом кога бил изграден имал четири простории, со три спални со 20 кревети и трпезарија со кујна. На негово место сега постои хотелот „Попова Шапка“. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...