Татко му на Боки 13, Миле Јовановски, денеска дојде во Основниот кривичен суд како обвинет за нанесена тешка телесна повреда на попот Виктор Стојчев, кој им е комшија во Карпош.
Јовановски, како што известивме, призна вина, а неговата адвокатка во завршниот збор рече дека до тепачката немало да дојде ако Стојчев не упатил сериозни навреди кон Боки 13 во расправијата која настанала поради паркирање на автомобилот на Јовановски пред влезот на попот. Во судница збор зеде и татко му на Боки 13, кој посочи дека попот Стојчев сѐ уште провоцира.
– Господинот многу сака да пишува на Фејсбук. Откако е уапсен Бојан, тој пишува дека во мојот дом дошла пола влада, пола обвинителство, судство, амбасадори… – почна да зборува Јовановски, по што судијката го прекина посочувајќи му ако има, да каже нешто за конкретниот предмет.
Во консултација со адвокатката Јелена Симиќ, тој само рече дека ја прифаќа нејзината одбрана во завршен збор и дека провокациите од Стојчев продолжуваат и денес.
Јовановски за случајот „Рекет“ не коментираше ништо, единствено се чинеше дека на тој случај алудира кога судијката го праша дали има кривично досие.
– Не знам, тоа што ме ставаат во некое друго – прокоментира Јовановски.
По признавањето вина за тешка телесна повреда, судијката Александра Ристоска закажа објавување пресуда за в понеделник.