Претседателот Стево Пендаровски, кој е во дводневна посета на Париз, вчера учествуваше на вечера за шефови и држави на влади организирана од францускиот претседател во пресрет на Парискиот мировен форум кој се одржува денеска и утре.
Денеска претседателот ќе учествува на мировниот форумот каде ќе има обраќање пред учесниците и на кој ќе се осврне на регионалната безбедност, најавуваат од неговиот кабинет.
На маргините на Парискиот форум, Пендаровски би требало да оствари и билатерална средба со Емануел Макрон, како и со австриската канцеларка Бригит Биерлејн, генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш и со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Парискиот мировен форумот има за цел да отвори дебата за големите глобални безбедносни предизвици со експерти, професори, претставници на граѓанското општество и на меѓународните организации, министри и шефови на држави и влади.
Емануел Макрон ќе го отвори Форумот утрово, заедно со избраната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн, претседателот на Демократска република Конго, Феликс Чисекеди и потпретседателот на Кина, Ванг Чишан.
Учесници се и српскиот претседател, Александар Вучиќ, германскиот министер за надворешни, Хајко Мас, шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, но и Александар Сорос, синот на Џорџ Сорос.
Билатералната средба со Макрон доаѓа неколку недели по француското вето за преговори со Северна Македонија и барањето на Франција да се замрзне проширувањето додека не се реформира Европската Унија внатрешно.