Францускиот претседател Емануел Макрон во рамките на одбележувањето на примирјето од 11 ноември, кое го означи крајот на Првата светска војна, ќе инаугурира споменик на војниците кои загинаа во надворешните операции на француската војска, јавува дописникот на МИА.
Авторот на споменикот е скулпторот Стефан Вињи и тој е поставен во паркот Андре-Цитроен, во Париз.
На споменикот се испишани имињата на 549 војници, а послендото е додадено само пред неколку дена- биригадирот Ронан Поинто, кој беше ангажиран во 1-от полк на Спахиит, а загина во Мали на 2 ноември од импровизирана експлозивна направа, поставена од терористи на Исламска држава во Сахел. Овој 24-годишен војник се приклучи на тажниот список на француски војници убиени од 1963 година за време на „надворешните операции“, воени мисии надвор од националната територија на Франција.
„Овој 11 ноември го означува влезот на семејството на „Опекс“ (надворешни операции) во меморискиот екосистем, велат од Елисејската палата. Од 2012 година, комеморацијата на 11-ти ноември – примирјето на Првата светска војна – е можност да им се оддаде почит на сите мртви за Франција. На церемонијата под Триумфалната порта изутринава беа изговорени имињата на петте паднати војници годинава.
По војниците загинати во светските војни и војните за деколонизација во Индокина и Алжир, овие 549 војници припаѓаат на „четвртата генерација“, оние што се борат во името на Франција далеку од неа. Огромното мнозинство на овие војници припаѓале на копнената армија. Од нив 71 биле офицери, 201 подофицери и 277 војници. Во Либан, во осумдесеттите години на минатиот век, загинаа 141 француски војници. Во операциите во Чад, почнувајќи од 1979 година, биле убиле 129 војници. Во Авганистан, француската армија изгуби 85 војници и 78 во поранешна Југославија. Во Мали, операцијата Бархан брои загуба од 23 војници. Француската армија исто така изгуби војници и во Брегот на Слоновата Коска (22), Конго (14), Централна Африканска Република (12), Ирак (12), Габон (9), Египет (9), Персискиот Залив (4), во Сомалија (3), Хаити (3), Камбоџа (3), Буркина Фасо (2) и Руанда (1). Од крајот на војната во Алжир во 1962 година, списокот ја следи географијата на зоните на влијание на Франција во светот и заканите за неа.
ФОТО: EPA /PASCAL ROSSIGNOL / POOL