Со сосема спротивен исказ од оној даден пред обвинител, поранешен возач во „Дурмо турс“, Бесник Халили, денеска сведочеше во судницата на рочиште за несреќата кај Ласкарци. Халили кажа дека работел во „Дурмо турс“ од 2007 докај 2014, и тогаш возел на линијата Гостивар-Скопје. Напуштил работа, а се вратил во 2017 и во „Дурмо турс“ работел до пред четири месеци.
Овој сведок раскажа дека додека возел на линијата Гостивар-Скопје, биле донесени три нови автобуси меѓу кој и тој од сообраќајната несреќа.
– Ги носевме во Скопје на влезот на Железара на сервис за тахографот. Таму ги носевме да ги баждарат и да ги сервисираат ако нешто не е во ред. Тогаш во Гостивар немаше таква фирма, Ремзи ни кажуваше. Не можам да се сетам дали само Ремзи или Дурмиш нѐ посочуваа во тој сервис. Не се сеќавам дали имало манипулатор – сведочеше поранешниот возач.
По ваквото сведочење обвинителот Дарко Јакимовски побара да му го освежи сеќавањето на Бесник со предочување на исказ даден во истрагата. Ова со правен речник се нарекува прогласување за „непријателски сведок“. Обвинителот му го покажа исказот на сведокот и го праша дали е негов потписот ставен на исказот, а возачот потврди. Потоа обвинителот почна да чита од тој исказ.
– За разлика од сега кога сведочевте пред јавен обвинител на истото прашање одговарате: „Ви врска со тахографот, автобусот кој учествуваше во несреќата, сакам да кажам дека имаше уред за манипулација на тахографот. Тој уред функционираше на комчеџпрекифсч. Ако го вклучиш се намалуваше брзината“. Дали ова се ваши зборови? – праша обвинителот.
Халили негираше: – Не се мои зборови, ова не е вистина.
Обвинителот продолжи да чита и понатаму од исказот.
– На прашање на јавниот обвинител кој го упатил во фирмата, како знаел каде да оди, кажувате: „Јас првично каде да одам и што да правам ми кажа шефот Ремзи. Бидејќи тој е шеф на возниот парк, сигурно знаел за вакво копче. Јас на своја рака сигурно не ми текнало да барам такво копче за манипулација. Тоа е направено на барање на Ремзи. Ваков уред се поставува за манипулации кога возиш брзо“ – цитираше обвинителот и праша дали и ова не е вистина.
Возачот повторно негираше: – Не сум толку интелигентен така да кажувам. Вие кратко ме прашувавте, јас ви одговарам, не се сеќавам.
Обвинителот праша зошто тогаш сведокот потпишал ваков исказ.
– Вие ми дадовте јас потпишав – рече Халили, а обвинителот возврати со прашање дали некој го натерал да потпише.
– Не, но дали јас го прочитав? Не го прочитав – рече сведокот.
Обвинителот понатаму праша и дали имал контакти сведокот со некој од обвинетите, но прашањето по приговорите на одбраната не беше дозволено. Па, Јакимовски се обиде да праша на поинаков начин.
– Господине Бесник, вие бевте тука и на претходното рочиште, но не успеавме да земеме исказ од вас зашто немаше време. Имаше пауза и јас ве сретнав пред судот во присуство на обвинетиот Ремзи Мифтари. Имавте разговор меѓу себе, а на страна стоеше полицаец. Јас лично му се обратив на полицаецот дека вие сте сведок и не треба да го дозволи тоа. Дали беше така? – рече обвинителот.
Поранешниот возач и дел од адвокатите реагираа посочувајќи дека тој не разговарал со обвинетиот Ремзи, туку станувало збор за кратко поздравување.
– Немам ли право да се поздравам со човекот со кој години сум работел – прокоментира сведокот.
– Немате право додека тој е обвинет, а вие сте сведок – доби одговор поранешниот вработен во „Дурмо турс“.
Халили не е првиот сведок кој дава различен исказ пред обвинител за време на истрагата и сега пред судот во текот на судскиот процес. И на минатото рочиште обвинителот читајќи го претходниот исказ го освежуваше сеќавањето на уште еден сведок кој работел како возач во „Дурмо турс“.
Во автобуската несреќа кај Ласкарци попладнето на 13 февруари годинава загинаа 16 патници, а 37 беа потешко повредени. Во случајот обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело. Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевска.
Фото: EPA/GEORGI LICOVSKI