Вучиќ од Охрид: Сега работиме сѐ што бараше ЕУ – но сами!

Тој најави дека трите држави ќе можат заедно да креираат туристички рути, дека може да се посетат Белград, Копаоник, Златибор и Охрид или Драч, наеднаш, што, додаде тој, особено е привлечно за азиските туристи.

241

Српскиот претседател Александар Вучиќ утринава во Охрид изјави дека досегашните разговори со македонскиот премиер Зоран Заев и со албанскиот премиер Еди Рама биле „многу добри“ и дека првиот видлив договор ќе биде полесен премин преку граничниот премин Прешево, а патувањето во Северна Македонија и Албанија само со лична карта може да се очекува до Нова година.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вучиќ за РТС изјави дека „ова се тектонски промени кои ќе влијаат на привлекувањето странски директни инвестиции затоа што инвеститорите сакаат стабилност и голем пазар.“

Како што истакна, Прешево е трет важен премин за Србија, по Батровци и Градина, а одлуката фитосанитарна инспекција да работи 24 часа дневно тројно ќе го забрза поминување на камиони со стоки од двете страни и ќе ги намали оперативните трошоци.

Тој најави дека со мали измени на законите, истата дозвола за работа може да важи за сите три земји и дека ќе се усогласи признавањето на квалификациите, што, додаде тој, „ќе ни користи бидејќи имаме проблеми со работната сила, а истовремено ќе создава добар инвестициски амбиент затоа што испраќаме порака за стабилност и слобода на движење на простор каде живеат 12 милиони луѓе“.

-Намерата е, рече Вучиќ, доколку влезете на аеродромот во Белград, да не ви требаат посебни документи за Албанија, никој нема да ве праша за документи, да има што е можно помала документација и што е можно помалку гранични проблеми. Кога ќе слетате во Скопје, ние повеќе нема да ве прашуваме како стигнавте таму, можете да одите во Белград или Тирана, тоа е еден вид „мини Шенген“.

Тој најави дека трите држави ќе можат заедно да креираат туристички рути, дека може да се посетат Белград, Копаоник, Златибор и Охрид или Драч, наеднаш, што, додаде тој, особено е привлечно за азиските туристи.

Претседателот на Србија очекува притисок поради ваквите одлуки, и покрај тоа што ова се прокламираните цели на „Берлинската конференција“, а сега „работиме се што бараше ЕУ, но сами“.

Тој очекува дека нападите ќе бидат најразновидни, како во регионот, со различни политички оправдувања, така и напади одвнатре, но додаде дека „не му е грижа што ќе се каже, затоа што знае дека ова е добро за луѓето во Србија“.

Тој им се заблагодари на Американците за поддршката на проектот, а поддршка ќе бара и од францускиот претседател Емануел Макрон.

Трилатералната средба во Охрид продолжува и денес, а на неа учествуваат претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора Драгица Секулиќ.

Пред состанокот на лидерите на Западен Балкан, Заев, Вучиќ и Рама донесоа „Декларација во која се наведени приоритетите и мерките за унапредување на регионалната соработка“.

Декларацијата се заснова на соработка, заедничко ангажирање и отстранување на сите пречки за слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал како придонес на граѓаните на сите земји во регионот во постигнување на нивната заедничка крајна цел – полноправно членство во ЕУ.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...