Секторот за антитероризам на грчката полиција во областа Атика од вчера попладне спроведува голема акција во поширокиот регион на Атина, а досега уапсени се три лица, 15 се приведени, а запленето е големо количество оружје, од кое дел било употребено од терористичката „Организација на револуционерна самоодбрана“ во најмалку пет напади во грчката престолнина, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција соопштуваат дека досега бил извршен претрес во 13 домови, во службата за антитероризам приведени се 15 лица, а уапсени се двајца мажи на возраст од 41 и 45 години, под обвинение дека сториле терористички дела, го прекршиле законот за оружје, а обвинети се и за фалсификување. По истите обвинувања издаден е налог за апсење на уште едно лице, а за поседување оружје уапсена е и 39-годишна жена.
Мажот на 41-годишна возраст бил уапсен и во 2010 година за учество во терористичката организација „Револуционерна борба“ и осуден на казна затвор, но пуштен е на слобода на 12 февруари минатата година.
Паралелно од секторот за борба со тероризам, досега пронашле и заплениле: пет автоматски пушки од типот „Калашников“, еден митралез, две пакувања желатински експлозив, два пиштола, четири солзавци, шест детонатори, девет електрични детонатори, два рачно изработени електрични детонатора, едно парче експлозивен материјал (веројатно ТНТ), две пакувања со експлозивен материјал, веројатно желатински експлозив, три рачни гранати и три делови од рачни гранати.
Од спроведената балистичката проверка на пушките „Калашников“, засега произлегло дека една била користена при грабеж пред околу 20 дена, додека, пак, друга била употребена во четири терористички напади за кои одговорноста ја презедоа од „Организација на револуционерна самоодбрана“.
Поконкретно, „Калашниковот“ бил користен во три напади вез седиштето на ПАСОК во центарот на Атина: пукање на денот на евроизборите на 25 мај 2014; пукање во јануари и ноември 2017 кон полицајците задолжени за безбедноста на канцелариите на партијата, при што во првиот напад беше повреден еден полицаец. Со истото оружје било пукано и кон Амбасадата на Мексико на 31 јули 2017.
Истата организација, според грчката полиција, ја презеде одговорноста и за фрлената рачна бомба во Амбасадата на Франција пред три години кога беше повреден еден полицаец.
Акцијата на секторот за антитероризам, како што соопштуваат од грчката полиција, продолжува.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за полициската акција вели дека намерата на Владата е целосно да му стави крај на „домашниот, грчки тероризам“.
– Сакам да им честитам на секторот за антитероризам, на грчката полиција и на Министерството за цивилна заштита за огромниот успех. Да ја повторам уште еднаш мојата заложба дека крајно и неотповикливо ќе завршиме со проблемот со домашниот, грчки тероризам – нагласи Мицотакис.