Јазот меѓу македонските квази политичари и македонскиот народ се повеќе се проширува и продлабочува. Граѓаните конечно го видоа вистинското лице и на едните и на другите, а работите одат од лошо на полошо, реагира ФРОДЕМ во партиско соопштение.
Според ФРОДЕМ, СДССМ со потпишувањето на Преспанскиот договор и со промената на уставот и уставното име го допре дното на националното предавство.
Во тоа СДССМ директно и индиректно беше сесрдно потпогнат од дезидеологизираното раководство на ДПМНЕ за кое во моментов најбитни се удобните фотелји за нивните највискои функционери, вели ФРОДЕМ.
„За сиве овие 28 години се изнаслушавме лажни ветувања и од едните и од другите. Со секоја нова власт доаѓаше се посрамна манипулација, лага, масовно осиромашување и невиден арамилак. Го видовме безочното ограбување на народот и пазарењето со оние кои дрско го ограбија тој ист народ. Бројчаникот постојано вртеше само за оние кои се менуваа на власт, а сиротиот граѓанин постојано остануваше и остана со ,,прстот во уста“. И сега шест месеци пред изборите и двете партии односно коалиции на партии повторно се спремаат за нова измама на народот. Едните лажат дека се „На прав пат“ откако патот го и искривија за 180 степени и го направија макадам, а другите ќе се бореле за ,,Обнова на Македонија“ откако ја разрушија и опљачкаа до темел.
ФРОДЕМ изразува длабока загриженост поради неспособната и алчна власт и недоговорната и уште поалчна опозиција. Разочараните граѓани мора конечно да соберат сила, да се сплотат и да станат единствена опозиција во државата. ФРОДЕМ упатува повик за заедничко политичко организирање и делување на сите прогресивни и слободоумни, разочарани непартиски и партиски граѓани, во ново движење и/или друг вид асоцијација со кои ќе се стави крај на повеќе од двоипол децениското владеење на овие две партии.
ФРОДЕМ е подготвен и нуди соработка за заеднички народни реформи за демократизација и деполитизација на државата, чија прва задача треба да биде ослободување од криминалните структури и нивна одговорност. Взаемното уважување во доследната борба за демократија, правда, лично и национално достоинство и чесност е единствениот здрав патриотски однос.
Република Македонија и нејзините граѓани конечно треба сами да си дадат шанса и самите да се изборат за победа над сите зла, кои висат како дамоклов меч над нашата иднина“, се вели во реакцијата на ФРОДЕМ.