Градоначалникот на Општина Неготино Тони Делков, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули, директорот на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион Марко Колев и голем број гости од градот, земјава и странство, денеска присуствуваа на свеченото пуштање во употреба на реконструираниот објект на Спомен костурницата.
– Реализацијата на овој проект е пример како еден градоначалник ги реализира проектите од својата програма и од еден руиниран и запуштен простор, се успеа да се изгради пријатно катче за сите граѓани на Општина Неготино – рече министерот Милевски.
Проектот е вреден 7,2 милиони денари, со подеднакво учество на Ппштина Неготино и Министерството за локална самоуправа преку Бирото за регионален развој.
Градоначалникот Делков истакна дека со проектот се изведени скали, изградена е и ставена во функција фонтана, паркинг-простор, пешачки и трим патеки, летна сцена, поставена е електрика и водовод, а целиот простор е хортикултурно уреден.
Воедно, упати јавна покана до граѓаните на Општина Неготино да повелат и да го посетат овој простор каде што можат да минуваат дел од своето слободно време. Тој упати и апел за внимателно однесување, за да не дојде до оштетувања на целиот простор на реконструираната Спомен костурница.
ФОТО: МИА