Германскиот амбасадор во земјава Томас Герберих денеска изјави дека причината за одложувањето на почетокот на преговори не ја гледа во кандидатките Северна Македонија и Албанија, туку во скептицизмот од проширувањето.
Тој порачува земјава да ги продолжи реформите, и на тој начин да ги убеди скептичните дека нејзиното место е во ЕУ. Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние, од своја страна, повторно порача дека владеењето на правото и борбата со корупцијата остануваат клучен приоритет.
Герберих, на обраќањето на меѓународна научна конференција на тема „Транзиција на правните системи: 30 години по падот на Берлинскиот ѕид“, што се одржува денеска и утре на Правниот факултет во Скопје, рече дека на Самитот во Солун во 2003 година беше јасно изразена европската перспектива на Западен Балкан.
– Денес, на почетокот на ноември 2019 година, расположението изгледа се промени. Уште еднаш се одложи почетокот на преговори за членство со земјите кои најмногу остварија, Северна Македонија и Албанија. Причините за тоа не ги гледам кај двете земји, туку во силниот скептицизам за проширувањето што во моментот е видлив и меѓу граѓаните на земјите-членки на ЕУ. Тоа ги натера лидерите да одговорат на тоа, ставајќи ја на тој начин целата политика на проширување на тест – рече Герберих.
Според него, отворањето преговори со Северна Македонија останува суштинско прашање за безбедноста и стабилноста во Европа. Рече дека Германија е особено поврзана со Западен Балкан на политички и економски, како и социјално бидејќи многу луѓе од овој регион живеат во Германија и тоа е од заеднички интерес и за Западен Балкан и за ЕУ.
– Германија ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, како што тоа и секогаш го правеше. Сметаме на земјата да ги интензивира реформите, и на тој начин да ги убеди оние што имаа се уште сомневања, дека нејзиното место е во ЕУ – порача германскиот амбасадор и повика да продолжи спроведувањето на реформите и владеењето на правото.
Францускиот амбасадор Тимоние, од своја страна уште еднаш порача дека владеењето на правото и борбата против корупцијата е приоритет и суштински дел на идната интеграција на новите членки.
На прашањето за очекувањата од средбата меѓу претседателот Стево Пендаровски и шефот на француската држава Емануел Макрон идната недела во Париз и дали тоа ќе придонесе за поголема динамика во македонско-француските односи, Тимоние не сакаше да коментира.
– Во се она што е комуникација околу таа официјална посета, сепак би ве упатил на претседателството на Републиката, затоа што сметам дека не би било куртоазно од моја страна однапред да говорам за тоа – вели Тимоние.
Конференцијата „Транзиција на правните системи: 30 години по падот на Берлинскиот ѕид“, се одбележува 30-годишнината од падот на Берлинскиот ѕид, настан што симболично го означи крајот на Студената војна и почетокот на процесот на транзиција на правните системи во пост-комунистичките земји.
На конференцијата се обратија и деканот на Правниот факултет Горан Коевски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Никола Јанкуловски, како и проф. д-р Отмар Сеул од Универзитетот Париз Х – Нантер, Франција и проф. д-р Томас Гигерих, Еуропа Институт, Универзитет Сарланд, Германија.