Катица Јанева, Боки 13 и Кичеец влегуваат во судница за „Рекет“

919

Основниот кривичен суд во Скопје го прифати обвинението за првата истрага во случајот „Рекет“ со кое се опфатени Бојан Јовановски – Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милески Кичеец.

Судот ги одбил сите приговори на одбраната и обвинителниот акт го одобрил во целост.

Ова значи дека сега предметот „Рекет“ ќе се стави во АКМИС системот и ќе се додели на судија, по што набргу се очекува да се закаже и првото рочиште од судскиот процес.

Обвинителниот акт кој сега е прифатен се однесува на изнудување пари од бизнисменот Орце Камчев, кој го и пријави случајот кај обвинителката Вилма Русковска. Според обвинението, пари од него се земани со цел да добие поповолен третман во случајот „Империја“ на СЈО, каде тој е еден од осомничените.

Во случајот Јовановски се терети за две кривични дела: примање награда за противзаконито влијание и за перење пари. Кичеец е второосомничен само за делото примање награда за противзаконито влијание. Јанева, како трета на листата, е осомничена за злоупотреба на службената положба и овластувања.

Ова обвинение е само еден дел од целата афера „Рекет“. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори и втора истрага, која се однесува и на работењето на невладината организација Меѓународен сојуз на Боки 13. Тој и таму е првоосомничен, а покрај него се уште четири лица.

Најзвучно е името на Фросина Ременски, пратеничка од власта и потпретседателка на Собранието. Понатаму, истрагата ги опфаќа и заменик-претседателката во Меѓународниот сојуз, Јасна Мандиќ, како и таткото на Боки 13, Миле Јовановски и една асистентка.

Во овој втор дел од „Рекет“ Боки 13 е осомничен за делата измама и перење пари. Останатите четворица се осомничени за помагање во делото измама, а тројца од нив, со исклучок на Ременски, се гонат и за помагање во делото перење пари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...