Ако некогаш сте биле на традиционална грчка прослава, ќе видите дека луѓето се држат за раце и танцуваа во круг по исти чекори во придружба на жива музика. Исто така, ќе слушнете песни што се пеат на грчки, а повеќето традиционални песни одат рака под рака со текстови кои зборуваат за љубов, емиграција и рурален живот, пишува во The Conversation, Петрос Карачареас, предавач по англиски јазик и лингвистика на Универзитетот Вестминстер во Лондон.
Меѓутоа, во најсеверните делови на грчките региони во Западна и Централна Македонија, сите народни ора се инструментални мелодии. Текстовите се заменети со гласни, месингани и дрвени инструменти како труба, тромбон и кларинет. Ова не е некој особен аспект на локалното музичко наследство. Традиционалните песни во овие региони имаа свои зборови – но тие беа на јазик што грчката држава се обиде да го избрише пред речиси еден век: словенкиот македонски.
По победите во две балкански војни во 1912 и 1913 година, територијата и населението на Грција драматично се зголеми со додавање на лавовски дел од историскиот географски регион Македонија, делот што се наоѓа на јужната страна на планината Ворас / Ниџе и регионот на планината Белес / Беласица.
Како што често се случува во историјата, државните граници не се совпаѓаат со јазичните. Таканаречените „Нови земји“ беа мозаик од различни јазични групи, меѓу кои и 260.000 луѓе кои зборуваа варијанти на јужнословенски јазик кој тие го нарекуваа тукашни „локален“, нашта „наш“ или македонски „македонски“.
Овие вариетети, вклучувајќи ја и стандардизираната верзија која денес е официјален јазик на ПЈР Македонија, имаат сличности со бугарскиот – и многу луѓе во Бугарија ги сметаат за бугарски дијалекти. Но, социолингвистиката покажа дека она што се смета за јазик само по себе и што се смета за дијалект на еден јазик во суштина се одредува политички, а не според лингвистички критериуми.
Од невидливиот јазик …
За грчката влада, луѓето што зборуваат словенски македонски јазик на нејзина територија не се совпаѓаа добро во нивната национална идеологија. Знаците на нелагодност кон новата грчка мултијазична реалност се покажа многу рано. Во 1920 година, грчкиот статистички орган го изврши првиот попис по територијалното зголемување на државата. Прашањето за јазикот се поставувало, но податоците за македонскиот јазик никогаш не беа објавени. Во податоците за јазикот за Тесалија, пак, биле забележани луѓе кои зборувале на словенски македонски, веројатно пријавени како сезонски работници од Македонија, кои биле во Тесалија за време на пописот. Грчките власти го признаа присуството на словенскиот македонски како легитимен јазик, но направија свесен обид да го сокријат бројот на луѓето што го говореа.
Во северниот дел на земјата, властите започнаа масивна мисија на хеленизирање. Преку ноќ, словенските македонски имиња на луѓе, места и игри беа преведени на грчки од државните службеници.
Презимето на дедото на татко ми стана Карачареас од Карачоров. А презимето на дедото на мајка ми стана Канзурис од Канзуров. Областа Караџова беше преименувана во Алмопија, а главниот град Суботско стана Аридаја. Танцот Пушчено беше наречено Левентикос или Литос. Целта беше да не остане никаква видлива трага на словенскиот македонски во државните книги.
… забранет јазик
Во 1930-тите години и во атмосфера на конкурентните национализми во јужниот дел на Балканот, сличностите меѓу словенскиот македонски јазик и јазиците на тогашното Кралство Југославија и Кралството Бугарија покренаа сомневања кај грчките власти за националната припадност и „свест“ на тие што го зборуваа словенскиот македонски јазик.
Во август 1931 година, грчкиот новинар и подоцнежен политичар Периклис Илиадис во своја колумна во весник повика да се забрани поздравувањето на „бугарски“ и јавното пеење песни на други јазици, освен на грчкиот – два предлога што бргу ги усвои фашистичкиот режим на Јоанис Метаксас.
Во 1936 година, генералниот гувернер на Македонија издаде наредба за забрана 122770: „За обнова на единствениот јазик“, со која се забранува употребата на словенскиот македонски како во јавноста, така и приватно. Луѓето фатени како зборуваат македонски словенски – понекогаш од страна на полицајците кои прислушуваа низ прозорците на жителите – беа влечени во воените полициски станици каде што беа тепани, а понекогаш и измачувани. Тие кои имаа пари беа казнувани. Наставниците ги тепаа учениците кои зборуваа словенски македонски во училницата или во дворот на улилиштето – дури и кога тоа беше единствениот јазик што тие знаеја да го зборуваат. Ова се случи со бабата на мојата мајка.
Прикриено наследство
Во 1994 година, Хјуман рајтс воч ја повика Грција да стави крај на вршењето пресија на тие што зборуваа словенки македонски јазик. Во 1998 година, Европскиот суд за човекови права пресуди дека Грција го прекршила правото на своите граѓани да формираат здруженија со одбивањето да им дозволи да основаат словенко македонско културно друштво. Но, овие повици дојдоа многу доцна.
Во услови на агресивно и насилно угнетувања што ги претрпеа во 1930-тите, тие што зборуваа словенски македонски развија длабоко вкоренет страв да зборуваат на својот јазик пред луѓе што не ги познаваа и веруваа. Престанаа да ги пеат своите песни, свирејќи само традиционални мелодии од нивното музичко наследство. Со текот на времето, тие почнаа да го користат повеќе грчкиот јазик во однос на себеси и местата каде што се родени и живеат.
Денес, само постарите луѓе го зборуваат јазикот. За помладите луѓе, тоа е повеќе пасивно знаење – еден вид наследство што ќе изумре со постарата генерација и единственото нешто што ќе остане да ги потсетува на него ќе бидат неколкуте зборови и песни на кои младите музичари не им ги знаат зборовите.
Забрана на јазиците на малцинствата
Овој вид на јазично угнетување далеку дека е единственото. Слични стории се пријавени од тие што го зборуваат ирскиот во Ирска, шкотскиот галски во Шкотска, велшкиот во Велс (прочитајте ги коментарите на Сузан Елан Џонс во колумната 377), каталонскиот во Шпанија, домородните јазици во САД и абориџинските јазици во Австралија.
Тажно е што напорите на државните власти да ги асимилираат во мнозинскиот јазик тие што зборуваат на јазиците на малцинствата беа во најголем дел успешни. А покрај јазиците, изгубени се и други изрази од културата, вклучувајќи имиња на места, имиња на семејства, песни, танци, игри и традиции.
Лингвистичкото угнетување и последиците од тоа врз граѓаните кои зборуваат на јазиците на малцинствата и нивното културно наследство немаат место во современиот свет каде што вредноста на културната разновидност е призната.
Подготви: А.Ј.
Фотографиите се на авторот на текстот