Терминот „ексел менаџери“ неодамна прв пат го слушнав од еден мој пријател. Контекстот беше дека денеска голем дел од менаџерите ги управуваат компаниите водејќи се само според податоците, проценките и постигнатите резултати кои заедно со нивните тимови ќе ги постават во ексел табелите и документите.
Ме натера долго да размислувам дали навистина овој процес на „патернизација“ или работење по строги правила без нималку личен печат и импровизација ќе нѐ направи подобри како личности, работници и менаџери, ќе го облагороди општеството или, пак, ќе нѐ уназади и ќе биде уште еден аргумент зошто ни се случува роботизација или замена на човечкиот кадар со програмирани роботи.
Муабетов со пријателот го правевме пред почетокот на летото. Во меѓувреме, се случија многу новини. На пример, се промени даночната политика, уште повеќе се зацврсти нашето членство во НАТО, а почетокот на преговорите со ЕУ остана за некој следен самит кога земјите-членки ќе постигнат консензус по ова прашање. Тоа резултираше со избори кои се најавени за 12 април следната година. Да се чуди човек колку работи можат да се променат за само неколку месеци.
Но, како и да е, изборите ќе дојдат и ќе поминат како и секои други избори. Една од двете најголеми политички партии ќе освои повеќе пратеници од другата. Една коалиција ќе ја формира и ќе ја води владата и ќе ги креира политиките и правецот во кој ќе се движиме како општество.
И владата ќе треба да се соочи со прашањето за консензус во ЕУ, со желбата на граѓаните да станеме час поскоро земја-членка во евроатлантските институции. И повторно ќе треба да лобираат, да преговараат, но и да објаснуваат дома што значи членството во ЕУ, до каде сме на патот и слично. Уште повеќе по прашањата за системски решенија за проблемот со загадувањето, одливот на млади, департизација на јавната администрација како за брзо време да воведеме ред и стандарди во сообраќајот, безбедноста при работа, квалитетно образование и здравство за секого…
И токму ова се прашањата кои бараат консензус помеѓу политичките партии. За почеток најмалку каков што покажаа политичките партии за одење на предвремени избори – во еден ден, на само една средба и речиси без никакви разлики. Токму оваа комуникациска порака ја очекуваат граѓаните од нашите политички лидери на важните граѓански теми и проблеми. Во иднина сакаат и со право очекуваат да гледаат лидерски средби на кои ќе се разговара и постигне консензус сите да ги вложат своите ресурси во професионализација на администрацијата, а не делење на ваши и наши административци. Образование за секого, еднакво и достапно со наставен кадар кој се вложува за секој свој ученик, а не наставник и професор на едната или другата политичка партија кој првенствено треба да донесе луѓе на митинг и гласачи на избори, наместо да се бори да донесе ученици со повеќе медали од домашни и меѓународни натпревари. И вака е потребно да се постапи на сите теми, неуморно и посветено од сите политички чинители. Секако, заедно со стручната заедница и професионалците кои всушност ќе ги изнаоѓаат решенијата ослободени од било каков политички притисок.
Но, кое е решението, односно како ова да се постигне?
Основата или средиштето е дигитализацијата. И тоа во секоја смисла. Дигитализација на општеството која може и мора иницијално да се воспостави за многу брзо време, а не да биде парцијален процес чија имплементација со оваа динамика би била со децении.
Дигитализацијата е најголемиот партнер на демократијата, контролата на институциите и мерливоста на (не)постигнатите резултати. Едноставно, нема целосно отворени институции и отчетност без дигитализација. Причината е едноставна: воведувањето на процесот на дигитализација не дозволува привилегирани, мои и твои, туку ги изложува институциите постојано на критиката на медиумите и јавноста. И тоа во секој дел од денот бидејќи податоците поставени на интернет се достапни 24 часа. Нема да има повеќе барања за пристап до информации за кои се чека со денови, недели или месеци. Едноставно, ако сакате да поставите прашање, да проверите до каде е вашиот предмет во некоја јавна институција и кој службеник го води, ќе можете тоа да го направите во 5 часот наутро. Ваш предмет, ваш буџет со кој ги финансирате јавните институции, ваше право.
Ова е позитивно за сите граѓани, но првенствено и за вработените во јавната администрација. Бидејќи, во институциите има многу луѓе кои се вработени и ја чекаат својата шанса да докажат дека се вредни и посветени работници. Дека делуваат во интерес на граѓаните и компаниите кои ги плаќаат преку даноците и другите јавни давачки. Дел од нив лично познавам и уверен сум дека ги има стотици и илјадници на кои ако им се даде шанса, ќе се докажат и на сите ќе ни покажат дека има разлика од службеник до службеник и дека не се сите исти. Токму тие, со поддршка на мониторингот преку дигитализацијата, ќе бидат промотори и носители на целосната реформа на јавната администрација. Така што ако го воведеме овој концепт ќе значи шанса за сите!
Дигитализацијата е најголем партнер и на безбедноста и воспоставување ред во сообраќајот. Уште ми се свежи случувањата кои мои пријатели ги имаа по враќањето од туристичко патување низ Италија со рент-а-кар пред повеќе години. Донесоа многу убави искуства, прекрасни фотографии, а еден месец подоцна се закитија и со две казни од по 250 евра. Симнати директно од македонска банкарска сметка. И тоа со дигитална или онлајн достава на казната на е-маил. Причина? Регистрирани биле на камерите како на отворен пат ја пречекориле дозволената максимална брзина, а вториот пат дигиталниот тим на тамошната полиција преку градските камери ги регистрирал како паркирале на место кое било забрането за автомобили кои не се на резиденти.
Моите пријатели велат дека паркирале само на 15 минути и тоа од едноставна причина да ги растоварат куферите. Ама камерите не знаат, ниту ги интересира кои сте, зошто сте застанале таму… Едноставно, тие се дигитални алатки кои им помагаат на институциите во спроведувањето на ред и правда за сите. Бидејќи за една држава да биде правна, односно да владее правото, прво треба да нема повластени во сообраќајот, паркирањето, а дури потоа може да зборуваме за многу повеќе.
Ете само два примера зошто е повеќе од неопходна дигитализацијата и на кој начин ќе нѐ направи сите да живееме во поубаво, поправедно и послободно општество. Не ги споменувам придобивките од дигитализацијата, како на пример, можноста да извадите извод од матична книга или државјанство онлајн бидејќи е жално што тоа не е овозможено уште пред 10 или повеќе години. Срамота е што оваа можност граѓаните ја немаат ни до денешен ден.
Како личност, но и како специјалист во мојата област на работа, оваа тема се обидувам да ја поставам високо на агендата на институциите повеќе од една деценија. За жал, досега не сум наишол на разбирање и поддршка од највисоките центри на моќ во нашата земја. Но, тоа воопшто не ме осуетува или обесхрабрува. Напротив, ќе бидам упорен и во иднина ќе ги промовирам овие вредности кои не се лични, туку се од интерес на целото општество и на секој граѓанин поединечно.
Од името на Институтот со кој раководам по втор пат ќе испратам официјален допис до Претседателот на Републиката со цел да ја дадам мојата поддршка да стане носител и патрон на процесот на дигитализација на општеството. Личност и институција која ќе не обедини сите во оваа сфера. Исто така, во пресрет на изборите, писмено ќе се обратам и до политичките партии со цел да ги мотивирам во својата предизборна програма како еден од главните приоритети да ја стават дигитализацијата преку конкретни проекти кои брзо ќе ги спроведат ако ја освојат власта. Да ги спроведат уште во првите 6 месеци, но и со консензус од сите, бидејќи ова е навистина важно прашање кое нè засега сите и треба да се надградува во следните децении.
Можеби во бизнисот не недостасуваат, но во партиите и јавните институции ни се повеќе од неопходни „ексел менаџерите“. Лица кои заедно со стручните тимови ќе ги постават приоритетите, јавно ќе ги направат достапни сите информации, а медиумите заедно со јавноста ќе можат во секој час да следат дали тоа се спроведува и што се презема во интерес на граѓаните. Предмет по предмет, процес по процес. На секое ниво, со промена на статус на решавање на секои 60 минути.
Ова е онлајн време. Не може сите да користиме паметни телефони, социјални медиуми и чат апликации, а да не вложуваме како држава во мобилни апликации за отворање на институциите.
Време е за дигитални „ексел менаџери“. Само на тој начин квалитетно и брзо ќе ги направиме неопходните реформи дома кои граѓаните со децении ги очекуваат. И само така ќе можеме да направиме вистински исчекори на патот кон полноправното членство во ЕУ.
Друг пат не постои. Впрочем, дали ќе ни бидат потребни уште 30 години да го сфатиме тоа?
(авторот е специјалист за односи со јавност и нови медиуми)