Запрепастувачки брзо постигнатата согласност за предвремени избори наведува на заклучок – сите три партии посакуваат да купат повеќе време за да разберат кон кое следно царство треба да се приклонат и навреме престројат, пишува Арсим Зеколи во својата колумна за Дојче веле.
Некаде во пролетта 2017 година, на страниците на овој медиум беше забележано дека „односот на меѓународната заедница кон Македонија, но и регионот, се сведува на две стратегии, различни според приод, но со ист негативен происход. Накусо, приодот на САД кон кризата се базира врз логиката на промена на актерите и зачувување на политиките, додека пак онаа на ЕУ е во правец на зачувување на ликовите и смена на политиките”. Две години подоцна, американскиот пристап резултира во дилема дали и понатаму да инвестираат во веќе истрошениот нов играч Зоран Заев или пак да најдат некое ново дете за терање по старо. Две години подоцна, залезот на доминатрикс ликовите во ЕУ резултира со драматична смена на политиката на проширување на Унијата кон истокот. Во новиот распоред на улогите, жртвите сме ние, земјите од Балканот. Додека пак големиот губитник (барем засега) се Соединетите Американски Држави. Пировата победа и` припаѓа на Франција, која допрва ќе биде соочена со последиците на сопствената исклучивост.
Добра и лоша вест
За очекување беше дека категоричното одбивање од Париз ќе предизвика редица пост-трауматични хистерии и потреси во регионот, во чекор со избрзани драматични реакции во распон од „крај на проширувањето” до „специјални понуди без членство”. Но согласно старите мудрости дека љубовта родена во војна не трае долго во мирнодобие и дека заложбите изглумени во предизборие тонат во заборав со пребројувањето на гласовите, поупатно е последиците да ги најдеме некаде во златната средина, според принципот на добра и лоша вест. Добрата вест е дека проширувањето ќе продолжи, но и ќе се оддолжи. Лошата вест е што нашето членство во ЕУ повеќе ќе наликува на оние на пример од Романија, Унгарија, Бугарија, отколку на Словенија, Естонија или Литванија. Добрата вест е што ЕУ ќе продолжи да постои и покрај Брегзит и едвај прикриените тензии помеѓу Париз и Берлин. Лошата вест е што токму односот кон земјите кандидати го потврдува одамна искажаниот сомнеж дека ЕУ продолжува по незапирливиот пат на сопствена ОБСЕ-изација. На постоење колку за постоење, но како бледа, анемична сенка на нејзиното минато, замислената историска мисија и преоптимистички зацртана амбиција.
Судејќи според тајмингот, вордингот и збунетоста на изјавите од страна на американските претставници, се наметнува заклучокот дека Вашингтон бил подеднакво изненаден и шокиран од финалниот негативен епилог на октомврискиот Самит на ЕУ. Дали поради преценување на сопственото влијание, поради веќе децениската привикнатост кон безрезервната подршка на Меркел или поради потценување на решителноста на Макрон да испорача на дело она што со месеци го најавуваше, останува како дилема која допрва треба да биде расчистена. Сепак, залудни се усилбите на сегашните и поранешни дипломати на САД, сите нивни протести за „лидери кои живеат во 19-иот век”, попусти се обидите да дебаклот со ЕУ го компензираат со успехот во НАТО. Нивната определба за тврдоглаво и арогантно инсистирање на фаворизирање на академски полусвет, на криминалци, коруптократи и клиентелисти во политиката на Македонија ги прави САД барем половично одговорни за давањето претекст за нашето одбивање под изговор на „неисполнети реформи”. Америка е доволно силна и моќна за да си дозволи да и понатаму истрае и продолжи со истата матрица на бранење и рекламирање на корумпирани балкански политичари како надежни реформатори во ЕУ. Барем додека не увидат дека нивниот соговорник во ЕУ веќе не е дарежливата Меркел и Германија, спремна да со пари ја поткрепува американската стратегија на безбедносна стабилократско послуга расеана низ балканите. Подемот на Макрон во Европа подразбира крај на таа поделба на улогите, токму поради тоа што и Франција – во недостаток на економска моќ – ќе преферира форсирање на стабилократски пристап во изборот на нивните партнери од доверба. Во тој трансатлантски судир на стабилократски мајндсети, ќе живеат среќно само оние кои час порано ќе полудат.
Ефектот Макрон веќе ги дава првите резултати
Таа чест секако првенствено ќе им припадне на неопределените во заземање страна помеѓу трите изданоци на нашиот естаблишмент – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Нашите прославени три партии кои и овој пат на европското барање за реформи реагираат со типична византиска итроманштина, пресликана низ одлуката за распишување предвремени избори, шест месеци однапред. Какви и да се сепаратните причини за прифаќање на таква изборна сапунијада, запрепастувачки брзо постигнатата согласност за предвремени избори наведува на заклучок дека сите три партии посакуваат да купат троа повеќе време за да разберат кон кое следно царство треба да се приклонат и навреме престројат. Признале тие или не, ефектот Макрон веќе ги дава првите резултати, почнувајќи од скротувањето на Пендаровски, кој по пролетните вицеви и цинизми на сметка на Тимоние, сега е присилен да пее молидбен пред неговиот шеф во Елисејските двори. Доскора нај-про-американскиот Премиер во регионот Зоран Заев веќе отворено ги вклучува САД во оската на загроза по Балканот, рамо до рамо со Русија и Турција. А притоа, неговиот коалиционен партнер Али Ахмети не наоѓа за сходно да се огради од таквиот став на неговиот пријател. И на крај, Христијан Мицкоски, чија катадневна кампања на сервирање скандали без завршница и барем една прошетна демонстрација, сѐ повеќе најавува дека и тој тргнал по стапките на Заев во „рушење режим со пенкало”.
СДСМ, ВМРО и ДУИ не можат да смислат толку изговори, организираат толку бесмислени тв дуели, исценираат толку исценирани кавги, сѐ со цел за да ја прикријат сопствената споделена немоќ пред состојбата која ја имаат создадено сплотено. Состојба на исчекување на решенија врз кои не можат да влијаат, но се приморани да ги испочитуваат. Нивната споделена дилема за сосема извесната ниска излезност на априлските избори е детска шега во споредба со неизвесноста од резултатот на вистинските избори кои ќе бидат пресудни за нас во следната година. Пред се, исходот на изборите во Франција од кои ќе зависи не само нашиот датум за муабети со ЕУ, туку и правецот во кој ќе се одвива динамиката на односите во регионот. Паралелно со кампањата во Франција, во нашето соседство ќе се одвива завршницата на косовско-српските односи, со сите нејзини неодминливи реперкусии по Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. И на крај, претседателските избори во САД. Без коментар.
Сите наведени фактори, било сплотено или поименично, не се причина за фаталистичко толкување на иднината или резигнирано дигање раце во знак на немоќ. Но токму наведените фактори се илустративен потсетник за капиталната битност од нашето зачленување во НАТО, час поскоро по одржувањето на изборите во април и како споделена заслуга на сите партии од постоечкиот поредок. Тоа би бил мал, но битен фактор за оптимизам во месеците пред нас. Под услов да нашиот естаблишмент тоа членство го сфати онака како што треба: како подршка за територијалниот интегритет и стабилност на земјата, не на администрацијата; како подршка за инкорпорирана регионална стабилност, а не како полуга за провокација; како столб на стабилноста, не како чаршаф за дискриминација. Во спротивно, нема да се изненадам колку ќе се изненадите кога ќе разберете дека НАТО ниту е лек, ниту е спас од византиските подметнувања според наследените шеми на федерална Југославија.
Во секој случај, ни претстои период во кој ќе ескалира политиката на пацификација во име на стабилноста и чекање на Европа. Политика која уште повеќе ќе ја продлабочи веќе загрижувачката општествена апатија и чувство на заситеност од едни те исти играчи, едни те исти наративи, едни те исти изговори за неказнивост и едни те исти нови ликови од стари шинели. Решеноста на американската администрација упорно да ги фаворизира СДСМ, ВМРО, ДУИ и ги саботира новите ликови (како што Палмер отворено го демонстрираше при неговата посета) во чекор со аутистичната опседнатост на Европа со сопствените рашомонијади, не е причина за спокој. Туку за молебен дека некој трет фактор нема намера да ја искористи нашата зачмаеност за инјектирање на некакви „нови клинци” во нашите, ионака веќе раскарани редови.