Една 54-годишна жена, која во Бугарија на друга жена за 100 евра ѝ ја продала ќерката, одговара пред судот во Германија, откако била обвинета дека во 2006 година тогаш 15-годишна тинејџерка ја довела во Дортмунд и ја принудувала на проституција.
– Цело време само плачев – изјавила жртвата, која денес има 29 години, на почетокот на судењето во Дортмунд.
Во обвинението е наведено дека обвинетата, која е исто така Бугарка, ја упатила жртвата во сексуалната пракса, за потоа да ја принудува на проституција во јавна куќа во Дортмунд, ветувајќи ѝ награди.
Веднаш првата вечер тинејџерката имала осум клиенти, а, според сопствените зборови, не знаела што ја чека во Германија.
– Не знаев што ќе правам во Германија. Отидов бидејќи мајка ми така ми кажа – изјавила пред судот.
Сè што заработувала морала да ѝ го предаде на својата мачителка, а кога еднаш сокрила 80 евра во градникот, добила ќотек. Не се осудувала да побегне, бидејќи била премногу исплашена.
Сопругот на Бугарката претходно бил осуден на пет години и осум месеци затвор, помеѓу останатото, поради трговија со луѓе со цел сексуално искористување, а неговата сопруга била дури подоцна уапсена.