Конечни резултати на косовските избори – ВВ освои 32, ЛДК 29 пратенички места

139

Досега опозициските косовски партии, Движењето Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), според конечните резултати од гласањето на вонредните парламентарни избори одржани на 6 октомври, заедно освоија мнозинство од 61 место во 120-членото Собрание на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Претседателката на Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) Ваљдете Дака на денешната прес-конференција по завршувањето на пребројувањето на сите гласови, објави дека ВВ освои 26,159 отсто од гласовите, со што обезбеди 32 места во идното Собрание, додека ЛДК 25.458 отсто гласови, односно 29 пратеници.

Досега владејачката Демократска партија на Косово (ПДК) освои 21,163 отсто и ќе има 25 пратеници, додека нејзиниот коалиционен партнер, Алијансата за иднината на Косово (ААК), која настапи заедно со Социјалдемократската партија (ПСД) со 11,487 отсто од гласовите освои 14 места во новиот Парламент. Нивните партнери во власта, Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и Алијансата ново Косово (АКР), заедно како коалиција освоија 4,984, односно не успеаја да го надминат прагот од пет отсто за влез во Собранието.

Од преостанатите 20 места во Собранието, претставниците на косовските Срби, Српската листа, со освоени 6,754 отсто од гласовите, ќе има 10 пратеници, а исто толку места освоија и партиите на другите помали етнички заедници.

Дака инфoрмира дека, по прогласувањето на конечните резултати, учесниците на изборите имаат рок од 24-часа за поплаки до Изборниот панел за поплаки и претставки (ПЗАП).

Лидерот на Нисма, Фатмир Лимај, синоќа во интервју за телевизијата Т7 изјави дека неговата коалиција не ги признава гласовите стасани по пошта од Србија и ќе се жали до сите инстанци, а доколку тие гласови бидат поништени коалицијата ќе го помине прагот од пет отсто и ќе има пет пратеници. Поплаките на Нисма-АКР, според медиумите, можат да го одложат формирањето на новото Собрание за уште седум-осум дена.

Право на глас на изборите од 6 октомври имаа 1.937.868 граѓани. Како што информира ЦИК, гласале 830.784 лица, односно 43,2 отсто од граѓаните со право на глас, а бројот на неважечки гласачки ливчиња е 40.732.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...