Утре се навршува точно една година откако експремиерот Никола Груевски требаше да влезе во затвор за издржување на затворската казна од две години во случајот „Тенк“, а денеска премиерот Зоран Заев го коментираше овој случај.
– Зошто тоа се случи? Заради тоа што Никола Груевски беше слободен граѓанин сѐ до моментот додека судот не издаде наредба за негово донесување за издржување на казната, но два дена претходно тој на напушти државата. Светот е глобално село, никој не може да избега од казната, од својата одговорност или слично. Јас верувам дека многу наскоро ќе го доживееме моментот каде секој ќе ја отслужи казната, па така и Никола Груевски – изјави Заев одговарајќи на новинарски прашања.
Поранешниот премиер Никола Груевски пред речиси една година избега од земјава за да не ја издржува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. Со помош на унгарски дипломати, преку Албанија, Црна Гора и Србија избега во Унгарија, каде што побара и доби политички азил.
Македонските власти по Груевски распишаа меѓународна потерница и побараа тој да биде екстрадиран.
Груевски е обвинет во неколку предмети на Специјалното јавно обвинителство, за што Собранието му го одзеде имунитетот, а за дел од нив во отсуство му е одреден и притвор.