Цела Шпанија се крена на нозе и остро ги осуди плакатите што беа излепени низ Барселона на кои новинарите се нарекуваат „терористи“. Кон осудите се приклучи и премиерот на Шпанија Педро Санчез.
Плакатите, со текст на каталонски јазик, се насочени против шестмина новинари, од кои двајца работат во државата телевизија. Тие се наречени „убијци во служба на власта“ и „ информативни терористи, кои го опслужуваат Ибекс“ – берзанскиот индекс на големите шпански компании, а на плакатите се наоѓа и повикот да „останат во Мадрид“.
Премиерот Санчез изјави дека „жестоко ги осудува заканите“ и дека „ги поддржува каталонските новинари кои се цел на нападот“.
Лидерот на десничарската опозиција Пабло Касадо, исто така, го осуди „неподносливото застрашување“..
Во заедничка изјава на Сојузот на новинарски здруженија и Мадридското здружение за печат се изразува остра осуда и се укажува дека „толкаво насилство и непријателство кон печатот никогаш досега немало во Каталонија“.
Плакатите се појавија во време на тензии во Каталонија по судските пресуди од 14 октомври за 13 каталонски лидери и активисти на движењето за независност, на кои им беа изреечени високи затворски казни заради обидот за отцепување на оваа покраина од Шпанија во 2017 година. Пресудите предизвикаа големи демонстрации од кои некои прераснаа во насилни судири со полицијата.
Во текот на настаните сепаратистичките активисти и демонстранти шпанските новинари ги спречуваа во нивната работа и им дофрлаа дека „се манипулатори на шпанскиот печат“.
ФОТО: EPA / BALLESTEROS