Членови и функционери на Српската напредна странка (СНС) најостро го осудија синоќешното однесување на еден од лидерите на Сојузот за Србија (СзС) и преседател на Двери, Бошко Обрадовиќ, пред РТС, додека српскиот претседател Александар Вучиќ гостуваше на државниот јавен сервис.
Како што јави дописникот на МИА, од СНС изјавија дека Обрадовиќ повикувал на линч на српскиот претседател, а неговото однесување било „продолжение на хистеријата, насилството, немоќта и безобзирноста на СзС и нејзините лидери, како и болниот план на опозицијата да дојде на власт“.
Од друга страна, од опозицијскиот СзС соопштија дека српскиот претседател Александар Вучиќ „официјално“ ги суспендирал државните и службените институции, затоа што пред зградата на РТС, каде за време на неговото гостување беа насобрани приврзаниците на здружението „1 од 5 милиони“ и на СЗС, испратил „платени криминални групи“ .
– На најавената акција на студентите од универзитетот во Белград „Прашајте го Вучиќ она што РТС нема да го праша“, што имаше за цел уште еднаш да укаже на целосната неслобода на медиумите во Србија, Александар Вучиќ одговори со суспендирање на законите, институциите и самата држава, се вели во соопштението на СзС. Во него се додава дека „Вучиќ „извел платени криминални групи и паравоени формации на улиците на Белград„ чии членови “формирале кордон од сите страни на зградата на РТС, ја блокирале со телата Абердаревата улица, одбиле да покажат какви било службени ознаки, ги спречиле граѓаните да се движат слободно, ги спречуваа медиумите да се движат и известуваат од местото на настанот, физички ги нападнаа и ги тепаа собраните граѓани “.
Членови и поддржувачи на СзС и Здружението „1 од 5 милиони“ се синоќа собраа пред зградата на РТС за да го чекаат Александар Вучиќ, кој гостуваше во емисијата „Прашалник“. Меѓу оние што се собраа на влезот во РТС на Таковска улица, беа и претставниците на СзС Бошко Обрадовиќ, Марко Бастаќ, Борко Стефановиќ.
Вучиќ на почетокот на емисијата изјави дека дошол во зградата на РТС од Абердаревата улица, дека еден дел преминал пеш, како и дека спречувањето луѓе да се движат не е решение.По завршуање на емисијата, насобраните граѓани мирно се разотидоа.
ФОТО: EPA / FLORIAN WIESER